(Видео) Скандалозен потег на Роналдо – удри момче по раката и му го скрши мобилниот, полицијата го истражува инцидентот


Кристијано Роналдо удри едно момчe по раката и го изби од раката неговиот мобилен телефон кој падна на подот и се скрши. Ова се случи по натпреварот Евертон – Манчестер Јунајтед (1:0).
Англиската полиција во неделата соопшти дека ја прегледува снимката од видео надзор за да утврди дали фудбалерот на Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо, направил прекршок со тоа што му го исфрлил мобилниот телефон на навивач од раката по поразот на неговиот тим од Евертон со 0-1.

На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како Роналдо замавнува со раката додека излегуваше од теренот и се упати кон тунелот во Гудисон парк по саботниот натпревар.

Според сведоците, 37-годишниот португалски фудбалер му го исфрлил телефонот од раката на навивачот по што се скршил на бетонот. Роналдо подоцна се извини на Инстаграм за инцидентот.

Портпаролот на полицијата во Мерсисајд изјави дека полицијата била во контакт со двата клуба по извештаите за наводниот напад.

„Додека играчите го напуштаа теренот во 14.30 часот, беше пријавено дека момчето било нападнато од еден од играчите на гостинската екипа додека го напуштале теренот“, изјави портпаролот на полицијата.

„Истрагите се во тек и полицајците во моментов работат со фудбалскиот клуб Евертон за да ги прегледаат снимките од видео надзор и да спроведат опсежни истраги на сведоците за да утврдат дали се случил прекршокот.

По овој пораз, Манчестер Јунајтед се наоѓа на седмото место во табелата во Премиер лигата и се соочува со можност да пропушти пласман во Лигата на шампионите следната сезона бидејќи има шест бода помалку од четвртопласираниот Тотенхем.

„На крајот од натпреварот играчите на Манчестер јунајтед се упатија кон соблекувалната. Имавме билети за седишта веднаш до тунелот, па син ми реши да ги снима играчите. Ги сними сите, а потоа дојде Роналдо кој ги спушти чорапите и покажа крвава нога па Џејкоб го спушти мобилниот телефон за да го фати со мобилниот.Тој не кажа ниту збор, а Роналдо потоа му го истргна мобилниот од рака и само си замина. Џејкоб беше шокиран, тој е аутистичен и има диспраксија, па не го свари целосно тоа што се случи додека не стигнавме дома. Тој е потресен и не сака повеќе да оди на натпревари. Ова беше неговата прва посета и еве што се случи.“ раскажа мајката на момчето.

Навивачите беа огорчени поради потегот на Португалецот, а нешто подоцна стигна и извинување.

„Никогаш не ми било лесно да се справам со емоции како оние низ кои моментално поминуваме. Сепак, секогаш мораме да имаме почит, да бидеме трпеливи и да бидеме пример за сите млади луѓе кои ја сакаат оваа прекрасна игра. Би сакал да се извинам за мојот испад и, ако е можно, би сакал да го поканам овој навивач да го гледа натпреварот на Олд Трафорд, во знак на фер-плеј и спортски дух“, изјави Кристијано Роналдо преку официјалната веб-страница на Манчестер Јунајтед.