Ветингот во Албанија покренува непријатни прашања за соседството


Долго време се поставуваа прашања за потеклото на богатството на албанскиот судија Артур Малај. Но, кога тој го помина процесот на судска проверка во Албанија, надлежната комисија го потврди на функцијата. Потребна беше комисија од меѓународни експерти за да изврши притисок за да се направи ревизија не само на имотот на Малај, туку и на наводите за поврзаност со криминалот. Тоа резултираше со отказ на Малај, откако судот утврди дека тој не го објаснил потеклото на најмалку 45.000 евра приход. Веќе немаше ни потреба да се испитуваат неговите пријавени врски со вила во крајбрежниот град Валона и наводните врски со организираниот криминал.

Почнувајќи од 31 јануари оваа година, Малај е еден од 359-те судии и јавни обвинители кои беа принудени да си заминат од функцијата поради ветингот започнат во 2016 година, како дел од големата ревизија на судството во Албанија. Тоа е приближно 45 отсто од сите судии и обвинители. Иако не без проблеми, резултатите од ветингот беа поздравени од поддржувачите на Албанија во Европската унија и САД.

Но, иако корупцијата во судовите е проблем на целиот Балкан, ниту една друга земја не го следеше водството на Албанија во однос на ригорозна проверка на судиите и обвинителите и тргањето на оние кои не можат да објаснат како станале толку богати.

Стан во Шпанија

Процесот на ветинг во Албанија почива на принципот дека не треба комисијата за проверка да докажува неправилности, туку судијата или обвинителот кој се проверува треба да објасни од каде ги добиле парите за да го финансираат животот што го водат. На јавна расправа, комисијата ги презентира своите наоди и одговорите дадени од дотичниот поединец. Решението за разрешување може да се обжали, а целиот процес го следат меѓународни правни експерти.

Во другите земји во регионот, често единствениот критериум за оценување на чесноста на судиите е јавното пријавување на нивниот имот. Но, тоа не секогаш функционира.

Во Босна и Херцеговина, таквите изјави за имот може да се објавуваат само со согласност на дотичниот судија или обвинител. Од околу 1.400 судии и јавни обвинители во Босна, околу 10 отсто дале согласност. Податоците за имотот ги собира Високиот судски и обвинителски совет, но законот соодветно не регулира кој е надлежен за проверка на таквите средства.Измените на законот што ќе му овозможат на самиот Совет да ги проверува имотните документи – дел од четирите клучни закони што Босна мора да ги усвои за да ги започне преговорите за пристапување во Европската унија – се одложуваат со години.

Еден од ретките случаи во кои податоците за имотот беа испитани служеше само за да се потенцираат недостатоците на системот. Во 2021 година, претседателот на Државниот суд, Ранко Дебевец, се соочи со дисциплинско сослушување откако не пријавил стан во Шпанија. Кога дојде време за детално сведочење, случајот беше затворен за јавноста.

Адвокатот на Дебевец рече дека неговиот клиент е само заеднички сопственик на станот и нема обврска да го запише во неговата имотна состојба, бидејќи тој бил стекнат пред неговото назначување за судија.Во објавата на блогот, холандскиот судија Ван дер Вајде, меѓународен советник на Високиот судски и обвинителски совет во тоа време, го критикуваше фактот дека „Дебевец не доставил докази за својот живот во Шпанија“, но по јавното предупредување во првостепената одлука, Дебевец на крајот беше ослободен од обвинението, по што по втор пат беше именуван за претседател на Државниот суд. Имињата на оние судии и обвинители во Босна кои одбиле согласност за објавување на нивните имотни листови не се јавно достапни.

Во Србија, Црна Гора и Северна Македонија, имотите што го пријавиле јавните службеници, вклучително и судиите и обвинителите, во целина, се јавно достапни, но не се вршат официјални проверки за нивната точност. Во Србија, исклучоци се направени за судии и обвинители кои се занимаваат со организиран криминал, тероризам и корупција. Нивните имотни листови не се јавно достапни исто така две години откако судијата или обвинителот што се занимава со такво кривично дело ќе ја напушти јавната функција.

Заедничко за овие земји е тоа што изјавите за имотната состојба на судиите и обвинителите подлежат на дополнителни проверки само доколку постојат основи за сомневање за погрешно постапување или врз основа на медиумски извештаи.Во Србија БИРН има доживеано недвижен имот за кој поставил прашање во Државната антикорупциска агенција и за кој е утврдено дека припаѓа на одреден функционер, но не е регистриран во Агенцијата, да му биде кажано дека дотичниот службеник всушност ја пријавил промената, но што Агенцијата се уште не ја ажурирала својата евиденција.

Начинот на кој судиите и обвинителите ја регистрираат промената на сопственоста се разликува во регионот. Во Северна Македонија, на пример, промената се смета за релевантна само ако нејзината вредност надминува 20 просечни плати или приближно 11.000 евра. Во Црна Гора сумата е 5.000 евра, а во Србија промена на сопственоста или приходот мора да се пријави само ако промената вреди повеќе од просечната плата пред оданочување.

Од 34 основни судови во Северна Македонија, главни судии во 12 од нив не поднеле анкетни листови за имотната состојба во 2020 година, се вели во извештајот на Државната антикорупциска комисија до Судскиот совет. Оваа обврска е задолжителна. Весна Дамева, поранешната шефица на Судскиот совет, за БИРН изјави дека наодот „не е ставен на дневен ред на седницата на Судскиот совет на Северна Македонија, ниту е поведена дисциплинска постапка против судијата/претседателот на судот“.

Според законот, таквиот надзор може да резултира со разрешување на судијата, но БИРН не можеше да идентификува ниту еден случај на судија или обвинител кој ја загубил својата работа поради кршење на законот за незаконско стекнување и прикривање на имот.

Во 2020 година, тогашниот вршител на должноста претседател на основниот суд во југоисточниот град Струмица платил парична казна откако не доставил анкетен лист. Казната била 300 евра, но бидејќи ја платил во рок од осум дена, таа била преполовена на 150 евра.

Откако повторно не поднел изјава на крајот на мандатот, Антикорупциската комисија отворила уште еден прекршочен предмет против него. Судијата овој пат одбил да плати со образложение дека тој не бил ниту избран ниту именуван, туку само привремено ја извршувал функцијата.Тој исто така тврдел дека застареноста во неговиот случај е истечена и дека прекршочната глоба за физичко лице, според законот, не може да биде поголема од 250 евра.Антикорупциската комисија ги отфрли аргументите на судијата. Но, во овој случај беше поедноставно да се плати казната отколку да се почитува законот.

„Ја платија казната, но не поднесоа анкетен лист“, изјави Ивановска за БИРН, Билјана Ивановска, претседател на Антикорупциската комисија. Таа рече дека имињата на оние кои не поднеле анкетен лист за имотната состојба или поднеле некомплетна изјава ќе бидат јавно објавени и ќе бидат известени судовите каде што работат. Според податоците на Антикорупциската комисија, во изминатите три години, 30 судии и 10 обвинители не поднеле анкетни листови или не пријавиле промени на имотот.

Во Северна Македонија, проверките на имотните листови на јавните службеници секогаш бараат време. Во март 2019 година, Државната комисија за спречување на корупцијата донесе одлука за проверка на имотот на петмина судии. Тие беа избрани по Извештајот на Стејт департментот за наводно политичко мешање во нивните назначувања.Четири години подоцна, во случајот со двајца од судиите, не беа пронајдени докази дека успеале непропорционално да се збогатат. Проверките продолжуваат  во другите три.Понекогаш се јавуваат дилеми кога имотот е регистриран под друго лице или е добиен во странство. Ивановска рече дека Антикорупциската комисија има договори за соработка со повеќе земји за да се овозможи размена на информации за јавните функционери, но тие допрва треба да стапат на сила.

Погледот на имотните листови на девете судии кои работат на случаи на организиран криминал и корупција открива голем број несогласувања. Некои дури не ги спомнуваат своите плати, додека други пријавиле дека поседуваат акции во компании, но со нецелосни или нејасни информации за нивните дивиденди.

Речиси нула доверба на јавноста во судството

Според истражувањата на Балкан барометар, довербата во судовите во целиот регион во 2023 година се движи од  1,7 до 2,6 отсто. Една од причините е сомнежот дека судиите и обвинителите добиваат мито за да ги водат случаите на одреден начин или целосно да ги закопаат.

Лејла Бичакчиќ, директорка на Центарот за истражувачко известување, ЦИН, во Босна рече дека „транспарентното откривање“ на имотот ќе придонесе  за отстранување на облакот на сомнеж кон судиите и обвинителите.Во 2018 година, ЦИН објави база на податоци за проверка на имотот на политичарите, судиите и обвинителите и истакнувајќи ги несовпаѓањата.

„До денес не сме виделе никаков чекор во таа насока за поголема транспарентност и проверки“, рече Бичакчиќ.

Во Србија, истражувачкиот медиум КРИК минатата година објави  протечени податоци од швајцарскиот банкарски гигант „Кредит Свис“ кои покажуваат дека белградската судијка Милена Трговчевиќ Прокиќ имала сметка во банката со  415.000 евра. Судијката се пензионираше во 2020 година и, колку што знае КРИК, никогаш не бил отворен случај за овие  наоди. Трговчевиќ Прокиќ не одговори на барањата на КРИК за коментар. (БИРН)