Венс го барал на телефон генералот Залужни барајќи замена за Зеленски. Тој не му кренал


 

Поранешниот врховен командант на украинските сили, сега амбасадор во Обединетото Кралство, Валериј Залужни, одбил телефонски повик од потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс. Повикот дошол кратко откако Венс се судри со претседателот Володимир Зеленски во февруари оваа година во Белата куќа, објави „Гардијан“, повикувајќи се на неименувани извори.

Според изворите на британскиот весник, тимот на потпретседателот Венс се обидел да го контактира Залужни преку „различни дипломатски и други канали“ за да се распраша кој би можел да го замени Зеленски на функцијата шеф на државата. Според „Гардијан“, Венс се обидел да го контактира Залужни на почетокот на март, само три дена по жестоката конфронтација на 28 февруари. Залужни наводно го одбил повикот откако се консултирал со Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател.

Извор близок до Залужни му рекол на „Гардијан“ дека отфрлањето на повикот е „принципиелен став“ и јасен знак на единство, што исто така го одразува чувството на „понижување“ на Украина поради ваквите потези.

Залужни ужива голема популарност и во војската и во јавноста поради неговата клучна улога во одбраната на земјата од руската агресија. И покрај шпекулациите и повремените навестувања, тој никогаш официјално не ја потврди својата намера да се кандидира за претседател. Сепак, неодамнешната анкета на агенцијата „Рејтинг“ покажува дека Залужни би бил втор во претседателската трка, веднаш зад Зеленски, со поддршка од 25 проценти од гласачите, додека неговата потенцијална партија би го освоила првото место на парламентарните избори со 22 проценти од гласовите.

Минатата недела, гласините за подготовките за претседателската кампања во Лондон беа демантирани од Оксана Тороп, поранешна новинарка на украинската служба на Би-Би-Си. „Валери Залужни постојано го искажуваше својот став, и колку што знам, тој не се промени – додека трае војната, мора да работиме на зачувување на земјата, а не да размислуваме за изборите“, изјави Тороп за НВ.

„Гардијан“, исто така, наведува дека, во сличен контекст, луѓе блиски до Доналд Трамп се сретнале со поранешниот претседател Петро Порошенко, кој е познат како лидер на опозицијата, и поранешната премиерка Јулија Тимошенко.