Венецуела склучи договори со „Шеврон“, „Ени“ и „Џи И Вернова“ за инвестиции во нафтениот и енергетскиот сектор


Каракас– Венецуела вчера потпиша нови договори со нафтените компании „Шеврон“ (Chevron) и „Ени“ (Eni) за проширување на нивните активности во земјата, како и со „Џи И Вернова“ (GE Vernova) за обновување на електроенергетската инфраструктура.

Договорите беа потпишани во присуство на американскиот министер за енергетика Крис Рајт, кој во вторникот пристигна во Венецуела, откако Вашингтон и Каракас објавија билатерален договор што може да им овозможи на САД контрола врз околу една петтина од нафтените резерви на земјата.

Според Рајт, потпишаните договори предвидуваат инвестиции од десетици милијарди долари и, на долг рок, отворање илјадници работни места. Тој ги оцени како важни за создавање „динамика на мир, можности и просперитет за сите во Венецуела“.

Американската „Шеврон“, која долго време има заеднички вложувања во Венецуела, ќе добие пристап до нови наоѓалишта. Компанијата очекува во рок од пет години повеќе од двојно да го зголеми производството во своите три заеднички компании во споредба со нивото од 2026 година – на околу 600 илјади барели дневно.

Италијанската „Ени“ од Каракас доби статус на единствен оператор на огромното нафтено наоѓалиште „Хунин 5“ во појасот Ориноко.

Венецуелската Влада потпиша и договори со американската „Џи И Вернова“, компанија што ги обединува поранешните енергетски активности на конгломератот „Џенерал електрик“ (General Electric), за поправка на значителен дел од електропреносната мрежа во земјата.

Одделно беше склучен договор со венецуелската компанија „Примавера“ за развој на две нафтени наоѓалишта.

Покрај договорите со компаниите, Каракас и Вашингтон склучија и билатерален договор што американскиот претседател Доналд Трамп го објави на 28 август. Според него, САД ќе добијат мнозинска контрола врз средства поврзани со повеќе од 65 милијарди барели од нафтените резерви на Венецуела.

Вршителката на должноста претседател на Венецуела, Делси Родригез, која е на власт по апсењето на Николас Мадуро од страна на американските сили во јануари, му се заблагодари на Трамп и изјави дека договорот ќе донесе „благосостојба“ за земјата.