Велковски: Алкалоид секоја година го подигнува своето ниво

Десниот бек на Алкалоид Мартин Велковски, трета сезона ќе го носи дресот на екипата од Автокоманда. Подготвен ги дочека подготовките, а и самиот вели дека тренинзи треба максимално да се искористат за тимот да се подготви добро на тактички и технички план за настапите кои следат.
– Имавме една тешка и долга сезона, повторно сме сите заедно. Свежи и желни за нови предизвици. Во новата сезона не чекаат тешки натпревари уште на стартот, затоа е многу важно најдобро да го искористиме подготвителниот период, да работиме максимално, за што побрзо да влеземе во нашата најдобра форма. Сметам дека РК Алкалоид од година во година го подигнува нивото, па така и оваа година добивме квалитетни засилувања кои ќе не направат уште подобри како тим. Ќе има возбудливо македонско првенство, но нашите цели се јасни, секогаш да победуваме и никогаш не треба да отстапиме од нив, истакна Велковски за сајтот на РК Алкалоид.
На европски план веднаш е големиот предизвик за актуелниот освојувач на Европскиот куп на ЕХФ.
– Лани игравме во Европскиот Куп, каде го освоивме трофејот и направивме голем успех, а оваа сезона ни следи Европската лига. Имаме силен противник на патот кон групите, тоа е бундеслигашот Хановер, па против него ќе мора да бидеме перфектни и да се надминеме себеси, за да обезбедиме место во групната фаза, рече Велковски.
Алкалоид подготовките ќе ги реализра Скопје, Маврово, а ќе бидат одиграни и пријателски натпревари на турнири пред се во Србија и во Хрватска.