Велешкиот Црвен крст обучува 15 граѓани за лични асистенти за услуги на лица со попреченост

Општинската организација на Црвен крст Велес веќе неколку недели во своите простории обучува 15 граѓани кои се на различна возраст и постари од 18 години, кои ја сочинуваат новата група која ја следи обуката за личен асистент за издавање на услуги на лица со попречености како што се придружба до училиште, до работно место, помош во домот и други потреби. Нив ги обучува тим од лекар, медицинска сестра, специјален едукатор или дефектолог и социјален работник.
Орце Николов секретар на ООЦК Велес, информира дека по посетената обука и стекнатиот сертификат, личните асистенти поднесуваат барање во Центар за социјални работи каде се ставаат на располагање за давање на своите асистентски услуги. Кога таква помош ќе побараат лица со попреченост изборот го прави Центарот којшто ги ангажира личните асистенти. Тие им помагаат на лицата со попреченост за што добиваат финансиски надомест кој изнесува 276 денари, во бруто износ, за ангажман од еден час.
-По завршувањето на обуката и стекнатиот сертификат издаден од Јавната установа -Центар за образование на возрасни, овие граѓаните се лични асистенти кои можат да помагаат во локалната заедница на лица со попреченост и да остварат финансиска надокнада за сопствениот ангажман, појасни Николов.
Оваа интензивна обука, со вкупно 200 наставни часови, во Општина Велес преку Црвениот крст досега ја имаат посетено 27 граѓани. Тие се обучени да даваат услуги на лица со попречености. Од нив во моментов 16 лични асистенти се ангажирани од страна на Центар за социјални работи Велес.