Велешанец влечел државен „пинцгауер“ на регионален пат, предизвикал сообраќајка со тројца повредени

Три лица се повредени во сообраќајна несреќа која се случила на регионалниот пат Штип-Велес синоќа околу 23 часот, а во несреќата учествувало и лице кое со „бмв“ влечело државен „пинцгауер“ во дефект, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Како што се наведува во информацијата од МВР, во сообраќајката учествувале патничко возило „тојота“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Б.И.(66) од Велес, патничко возило „лада“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Л.Б.(31) од село Башино Село, велешко, и патничко возило „бмв“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Д.М. (31) од Велес, кое влечело возило „пинцгауер“, сопственост на Дирекција за заштита и спасување.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на возилото „тојота“ и неговата 64 годишна сопатничка К.И. од Велес, а со телесни повреди се здобил Д.М., констатирани во Општа болница Велес. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Велес“, информираат во МВР.
Овој месец, Стојанче Ангелов, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, кажа дека Дирекцијата добила 18 прилагодени моќни теренски возила „пинцгауер“ со резервоари од 1.500 литри, а оти дополнително се очекуваат уште пет.