Вечер на тоалети и смокинзи: Виенски бал на 14 март во Скопје
На 14 март, во хотелот „Александар палас“ традиционално, по 21-ви пат, ќе се одржи Виенскиот Бал во Скопје, под покровителство на амбасадата на Република Австрија во нашата земја, а во организација на Здружението за културна соработка Јохан Штраус. Единствена вечер каде доаѓа до израз вашата елеганција со задолжителните вечерни тоалети и смокинзи. Вечер кога гостите го живеат стилот на Виена – со захер торта, шампањско и виенска шницла и танцуваат валцер на музиката на Штраус. Кој не умее да игра валцер, има шанса да заигра на звуците на светски евергрини и македонски хит рефрени.
По традиција, на Виенскиот бал се меша народот со елита, и не се канат политичари. Исклучок беше ланскиот бал, за чиј 20-ти јубилеј беа поканети премиерот Зоран Заев и неговата сопруга Зорица.
Виенскиот бал во Скопје, кој од 2017 година е ставен и на светската мапа на виенски балови, и оваа година ќе има хуманитарна димензија. Дел од средствата од продадените билети ќе одат за СОС Детско село.
Во уметничката програма ќе настапат врвни уметници: Оркестарот „Јохан Штраус“ ќе музицира под диригенство на Бисера Чадловска. Ќе настапат првенците на Балетот од Националната опера и балет Саша Ефтимова и Балаж Локсен (Унгарија), танчери на Танцовиот клуб Прима Данца, Тумбао Салса Бенд, Арт Бенд и вокалните солисти: Драган Бобиќ – Дексо, Калина Велковска и Паула Ц. (САД).
Водител на манифестацијата и годинава како и лани е манекенката и ексмис на Македонија Вера Мештеровиќ.