Вебинар: Не престанаа прекршувањата на работничките права, потребна соработка со повеќе синдикати


Фото: Б. Грданоски

Во време на социо-економска криза не престанаа прекршувањата на работничките права. При донесување на мерките потребно е државата да соработува со повеќе здруженија и синдикати, а не само со еден Синдикат, или пак одлуките да ги донесува политички и зад затворени врати. Во меѓувреме, борбата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) за правата на работниците е далеку од завршена, најмногу проблеми има кај помалите и кај локалните медиуми.

Ова беше заклучокот од денешниот вебинар за почитување и унапредување на работничките права во медиумите на тема „Зошто и за што работиме?“, организиран од ССНМ.

Кристина Ампева, претседателка на ЗЗРП „Гласен Текстилец“ на вебинарот укажа на тоа дека како здружение први го покренале прашањето за минимална плата, која сега важи за сите работници подеднакво.

-Пред да постои Здружението, минималната плата за текстилните и чевларските работници не важеше. Имавме законски минималец за сите останати сектори од тогаш 10 илјади денари минимална плата, а за текстилните работници имаше помала плата, 9.500 со вклучена норма, која треба да биде изработена за да си ја земат таа минимална плата. Ние го кренавме тоа прашање, и затоа сега имаме законски минималец што важи за сите подеднакво. Тоа е наш прв успех како здружение, рече Ампева.

Според неа, во ред е еднаш да се покачи минимална плата со политичка одлука. Меѓутоа, како што посочи тоа долгорочно не е одржливо.

-Секогаш сме за покачување на минимална плата. Дополнително сме дел од глобални мрежи кои се борат за плата за живот. Плата за живот треба да биде одлука и на работодавачите и на државата, и да се стремиме кон тоа. Имавме еднаш политичка одлука за покачување на минимална плата. Доглорочно не е одржливо, додава таа.

Исто така, Ампева напомена дека доколку Владата планира да ја покачи минималната плата за јавниот сектор, тоа треба да го стави во буџетот за наредната година.

Посочи дека има многу од јавната администарција кои и сега земаат под минимална или минимална плата. Тоа, како што рече, треба сито државата како најголем работодавал тоа да го обезбеди во буџетот.

-Ова не се прави со договор само со еден Синдикат. Во време на социо-економска криза во која две години од март до сега, не престана ситуацијата со прекршување на работничките права, со отпуштање од работа. Не може само еден синдикат да одговара и преговара. Не се повикани ниту здруженијата на работадавачи, не се повикани останати синдикати, рече Ампева.

Според неа, ако државата сака да им покачи минимална плата на работниците, тогаш во ваква ситуација треба да се откаже од некои давачки, кои во моментов приватните фирми ги плаќаат кон државата.

-Тоа значи дека ќе треба измена во Законот за намалување на ДДВ за приватни субјекти. Субвенционирање како што имавме првиот пат на минималната плата не е решение. Тука треба државата да помогне на приватниот сектор што ја одржува оваа економија, преку поповолни мерки за нив, а не со политички одлуки цело време да се прави популизам, додаде Ампева.

Посочи дека е потребна соработка меѓу повеќе здруженија и синдикати за да се спротистават на некои одлуки кои се носат а се штетни.

-Три месеци зборуваме за замрзнување на цени на основните продукти, постојано имаме покачување а платите не мрдаат. Имаме покачување на горивото, се најавува покачување на електрична енергија, а ние тука збориме за репресивни мерки за вакцинација. Не се донесоа апсолутно никакви мерки за помош и поддршка на граѓаните и работниците кои се со минимални примања. Само мерки кои си се носат зад затворени врати, а тоа уште повеќе го зголемува револтот кај граѓаните, додаде Ампева.

Тамара Грнчароска, новинарка и членка на Извршниот одбор на Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници посочи дека ССНМ се уште не завршил со борбата за правата на работниците, иако веќе постојат одредени промени.

Таа рече дека правата на медиумските работници во големите медиуми се порегулирани, останува да се дорегулира кај порталите и кај приватните медиуми, но и локалните медиуми, каде уште има двајца или тројца луѓе кои работат, од кои едниот е сопственик кој работи и тука, како што рече, потешко оди таа борба.

Најголемиот проблем, како што истакна, е регулирање на годишните одмори, регресот за К-15, кој или не се исплаќа или се враќа. Постојат и случаи, каде им се намалува плата, но и случи каде за да им се исплати регрес, следниот месец им се намалува платата, за да се намали трошокот кој го имала фирма за да го исплати регресот.

-Тие се главните проблеми во овој период. Има поплаки и на локално ниво, но таму бидејќи се помали медиуми, потешко е да се организира, рече Грнчароска.