Националистите од Преродба ќе поднесат кривична пријава против Каракачанов


Красимир Каракачанов

Бугарската партија Преродба ќе поднесе кривична пријава  до обвинителството против поранешниот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов  поради договорот за ловци „Ф-16“, изјави пратеникот Николај Дренчев на брифинг во Собранието.

Според него, по разгледувањето на договорите кои биле „класифицирани на чуден начин“,  дошол до „разумни претпоставки дека е извршена злоупотреба на јавните ресурси“. Пратеникот тврди дека не се склучени договори бидејќи не го содржат предметот и цената на договорот, како и рокот за нивна реализација.

„Со документите што се потпишани, можно е добавувачот еднострано да не го испорача тоа што сме го потпишале и еднострано да процени цената да биде различна и последователно да бара повеќе пари“, тврди Дренчев. Според него, договорот за набавка на борбени авиони од САД бил „мачка во вреќа“.

Во 2019 година, владата на Бојко Борисов купи осум авиони „Ф-16“ од САД во вредност од 600 милиони евра. На 26 јули истата година, собранието ги ратификуваше договорите за авионите, кои беа потпишани од министерот за одбрана Красимир Каракачанов на 11 јули (врз основа на одлука на владата од 10 јули 2019 година). Тогаш шефот на државата Румен Радев стави вето на ратификацијата, тврдејќи дека договорот е пребрз, што беше отфрлено од парламентот.

Првите два авиони треба да пристигнат во средината на 2023 година, а останатите четири до крајот на истата година. На почетокот на февруари годинава, пак, премиерот Кирил Петков најави дека поради прекини во синџирите на снабдување предизвикани од пандемијата, ќе има одложување – веројатно околу 2 години.