Васил Гарванлиев на Евросонг 2020 со песната „You“!
По преслушување на пристигнатите композиции на јавниот повик, како и детална анализа на понудениот музички квалитет од страна на домашните, но и автори од странство, Македонската Радио Телевизија заедно со овогодинешниот евровизиски претставник Васил Гарванлиев одлучи композицијата со наслов „You“, на авторот Невенка Нешкоска, да биде песната со којашто Васил ќе настапи на Евровизија 2020 во Ротердам.
Невенка Нешкоска е македонска композиторка и продуцент, родена во Охрид, но порасната во Чикаго. Невенка има завршено на отсекот за композиција на колеџот за музика „Беркли“ во Бостон и е добитник на награда за најдобра светска песна на „USA Songwriting Competition“. Таа и сестра и Калина, која исто така учествуваше во пишувањето на песната “You,” се креаторите на музичкиот цртан Дарко Биберко.
Песната „You“ е авторско дело на Невенка Нешкоска, којашто ја создаде музиката, текстот е дело на Невенка Нешкоска, работен заедно со нејзината сестра Калина Нешкоска, како и колешката од „Беркли“, Алис Шредер.
Песната “You” Невенка ја започна со визија да ги претстави моќниот глас и интерпретација карактеристични за Васил на целиот свет.
Во моментов се работи на продукциско оформување на песната, по што следуваат и повеќе детали за неа, како и официјалниот датум на промоција.
Македонскиот претставник Васил Гарванлиев ќе не претставува на првата полуфинална вечер на 12 мај. Редоследот на настапувачите во двете полуфиналиња (второто полуфинале е на 14 мај), некаде во март, дополнително ќе го соопштат продуцентите на ЕБУ.
Во првото полуфинале се извлечени и претставниците на Белорусија, Литванија, Шведска, Словенија, Австралија, Ирска, Русија, Норвешка, Кипар, Хрватска, Азербејџан, Малта, Израел, Украина, Романија и Белгија.
Во второто полуфинале настапуваат претставниците на Австрија, Молдавија, Полска, Сан Марино, Србија, Исланд, Чешка, Грција, Естонија, Данска, Бугарија, Швајцарија, Финска, Ерменија, Латвија, Грузија, Португалија и Албанија.
Десет финалисти од двете полуфиналиња ќе настапат на финалето на 16 мај, заедно со претставниците на големата Петорка и земјата домаќин-Холандија. Германија, Италија и Холандија ќе гласаат во првото полуфинале, а Англија, Франција и Шпанија во второто полуфинале .
Гарванлиев, ланскиот пратечки вокал на Тамара Тодевска во Ерусалим, неодамна се врати од настапите во Торонто, Канада, заедно со македонски музичари.
Васил Гарванлиев и е познат на македонската публика уште од најраната возраст, кога на само седум години го испеа познатиот детски евергрин „Марионка“ на фестивалот „Златно славејче“.
На 12 години заедно со неговото семејство се селат во САД каде станува дел од светски познатиот детски хор во Чикаго. Негово образование по соло и оперско пеење го стекнува на некои од најпрестижните музички школи во светот вклучувајќи ги „Академијата Лирика“ во Милано, престижниот Кралски Консерваториум и Оперската Школа при Универзитетот на Торонто во Канада.
Во 2018 година, Васил одлучува да се врати во Македонија, посветувајќи се на креирање автентична музика инспирирана од македонските корени.
“Да бидам избран од страна на МРТВ како преставник на Македонија на овогодинешната Евровизија во Ротердам, за мене преставува огромна чест, но и одговорност. Ќе дадам се од себе да ја преставам Македонија уште еднаш во најдобро можно светло, како што тоа го правев и во изминатите дваесет и пет години настапувајќи низ целиот свет. Им благодарам на сите што се дел од ова мое музичкo патување и се гледаме во Ротердам, изјави Гарванлиев по изборот за наш претставник во Холандија.