Вашингтон со нови пари за ископ на критични минерали – Македонија не одговара на светската побарувачка
Официјален Вашингтон додели нови 500 милиони долари за седум проекти со цел да се зголеми ископот и преработката на критичните минерали, производството на батерии и рециклирањето во Соединетите Американски Држави. Главни причини се постигнувањето независност од трети страни, како што е Кина, во синџирот на снабдување со руди кои се неопходни во одбраната, елетрификацијата и зелената транзиција. Додека Вашингтон со државни средства поддржува и приватни инвестиции за да се снабди со критичните минерали, кај нас не се реализира ниту актуелната инвестиција за ископ на критичен минерал – односно бакарот во Иловица. На ова наоѓалиште можат да се ископуваат и до 16 илјади тони бакар годишно во наредните две децении, но сепак проектот се уште не се реализира. Ова е единствена инвестиција во Македонија во моментов која се однесува на ископ на критичен
материјал.
Домашните експерти во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, која ја изготвуваше МАНУ, потенцираа дека порастот на побарувачката на минерални суровини и материјали на глобално ниво се должи на низа процеси, како што се: дигитализацијата, електрификацијата на транспортниот сектор, замената на постојните постројки за производство на енергија базирани на фосилни горива со обновливи извори на енергија, иновациите во производството на воени технологии, во телекомуникациите, градежништвото и така натаму. Во текстот беше истакнато дека многу од државите прават сериозни напори стратешки да одговорат на овие
предизвици преку мапирање на сите засегнати страни во синџирите за снабдување со
минерални суровини и материјали, континуирано следејќи ги домашните потреби од различни минерали.
„Имајќи ја предвид континуираната висока побарувачка за метали и минерали, Република Северна Македонија треба добро да се организира и да се постави за да може соодветно да одговори на идните зголемувања на потреби за снабдување со суровини. Уникатниот геолошки потенцијал на Република Северна Македонија, ја става минералната индустрија во земјата во добра позиција, но за да таа биде во уште поповолна позиција мора да се обезбедат одредени предуслови за тоа – Република Северна Македонија треба да се промовира како лидер во овој дел на Европа во полето на рударството и истражувањето на минералите, а македонските претпријатија треба да работат во многу ефикасни кластери во партнерство со универзитети и истражувачки институти“, се истакнува во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046.
Инаку, како што соопштија од американското Министерство за енергетика (DoE), избраните проекти ја унапредуваат агендата на претседателот Доналд Трамп за зајакнување на домашните синџири на снабдување со критични минерали во Америка, намалување на зависноста од странски извори, зајакнување на националната безбедност и унапредување на американската енергетска доминација. Во Македонија пак, се актуелизираше соработката со американското Министерство за енергетика откако преку Стратешкиот дијалог со САД, на компанија и беа доделени пет милиони евра за геолошки истражувања за антимон недалеку од Крива Паланка.
„Предолго време Америка зависеше од странски актери во снабдувањето со критичните материјали кои се неопходни за современиот живот, кои ја поткрепуваат нашата економија, енергетската безбедност и националната безбедност.
Претседателот Трамп ја надминува таа зависност, преку обезбедување на наши синџири на снабдување со критични минерали, ослободување на американската индустрија и враќање на производството и преработката на критични материјали во Соединетите Држави“, изјави американскиот секретар за енергетика Крис Рајт.
„Министерството за енергетика презема решителни мерки за да ги обезбеди критичните синџири на снабдување неопходни за напојувањето на нашата нација. Овие проекти ја нагласуваат посветеноста на Министерството за енергетика за поттикнување на иновациите, намалување на зависноста од странски извори и промовирање на американската енергетска доминација“, изјави помошничката секретар за енергетика, Одри Робертсон.
Како што се додава во соопштението, критичните минерали и материјали се од суштинско значење за американската индустрија, за производството на енергија и за националната безбедност. Проширувањето на домашниот капацитет ќе помогне ресурсите што ѝ се потребни на Америка да се преработуваат, произведуваат и рециклираат во Соединетите Американски Држави.
*Комерцијален текст