Вархеји: Нападите со лажни профили од Косово се неприфатливи
Европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеји денеска изјави дека координираните напади со лажни профили на социјалните мрежи од Косово врз асистентите на европратеничката Виола фон Крамон се неприфатливи, но додаде дека не може да преземе повеќе по тоа прашање.
На прашањето на поранешната пратеничка во Европскиот парламент, кое Крамон го постави во април за ботските напади врз нејзиниот асистент Ѓорѓе Бојовиќ, како и врз Агон Малиќи и Футура Кусари кои го поддржале, Вархеји призна дека е немоќен да направи нешто, пишува Н1.
„Стручњаците од EEAS (Европската служба за надворешни работи) заклучија дека постои одреден степен на координирана размена на пораки и стратешко меѓусебно објавување на истите пораки од повеќе профили. Меѓутоа, бидејќи аналитичарите работат со информации достапни од отворени извори, невозможно е да се направат претпоставки за карактеристиките на неколкуте анализирани профили во овој случај“, се наведува во писмениот одговор.
Тој додаде дека социјалната мрежа Икс, преку која е организирана антикампањата, според Законот за дигитални пазари „е обврзана да направи проценка и да ги ублажи системските ризици, вклучувајќи ги реалните или предвидливите ризици за изборните процеси и граѓанскиот дискурс“.
Сепак, Вархеји не одговори на делот од прашањето кое се однесува на можната одговорност на властите во Приштина за „намерно ширење дезинформации и државна пропаганда“, односно „испитување на евентуалните врски со актуелната Влада на Косово“, што веднаш беше демантирано од косовската влада, пренесува Бета.
Ѓорѓе Бојовиќ, тогашен советник на Фон Крамон за Западен Балкан, во март беше цел на кампања на социјалните мрежи, која доаѓаше од Косово и во која се тврдеше дека „Бојовиќ влијае врз ставот на Вјола фон Крамон за оваа територија“ и во која беше споделувана снимка од негов стар говор, изваден од контекст.