Вардар го победи Монпеље, но недоволно за Ф4 во Европската лига
Ракометарите на Вардар 1961 со победа го завршија настапот на европската сцена, но триумфот вечерва од 27-24 над Монпеље во реваншот од четвртфиналето во ЕХФ Лига Европа, сепак, беше недоволен да ја надоместат негативата од десет голови и да се пласираат на завршниот турнир.
Вардар одигра маестрални 40. минути пред своите гледачи, надополни седум голови од негативата од 23-33 од првиот натпревар, но немаше сили во последните 20. минути да направи сензација и да се пласира на завршниот фајналфор.
Бодрени од френетичната публика во СЦ „Јане Сандански“ и засилени со враќањето на Малус и Горига, кои поради повреда и болест го пропуштија поразот од десет разлика пред една недела во Монпеље, ракометарите на Вардар имаа одличен старт на реваншот.
„Црвено – црните“ во 10. минута имаа водство од 6-3, а во 20. минута ја преполовија негативата од првиот натпревар и поведоа со 12-7.
Уследи исклучувањето на Митровиќ поради директен црвен картон, што францускиот тим го искористи и врза два гола во серија, но Вардар до крајот на полувремето ја врати највисоката предност од +5 (17-12).
Со првиот напад во второто полувреме, Вардар поведе со 18 – 12, а во 36 минута и со 20-13.
Потпомогнати од двата одбранети пенали во серија на Гогов, ракометарите на Вардар ја одржуваа највисоката предност од седум голови до 42. минута, кога Монпеље при резултат 22-15 постигна три голови во серија.
Вардар во продолжението се потешко ја пробиваше француската одбрана, а откако се обиде со „7 на 6“ во нападот, на сцената стапи голманот на Монпеље, Дезбоне, кој со серија фантастични одбрани ги осуети завршните обиди на Вардар да ја надомести големата негативата од првиот натпревар.
Малус со шест голови беше најефикасен во Вардар, додека Валах запиша 16 интервенции на голот.