Ванковска одби да оди на ифтар кај Пендаровски, поприфатливо ѝ е заедничко кафе


 
Кандидатка за претседател на Македонија од партијата Левица, Билјана Ванковска ја одби понудата да присуствува на ифтарска вечера што ја организира претседателот Стево Пендаровски, бидејќи смета дека според Уставот државата и верските заедници се одвоени едни од други.
 
„Моето разбирање на демократската политика е во духот на секуларноста, на која впорчем нѐ обврзува и Уставот. Државата и верските заедници се одвоени едни од други, а нам како претенденти за највисоката позиција во државата не ни прилега ниту во кампања, ниту вон кампања, да им се додворуваме на граѓаните со организирање средби од ваков вид. Посакувајќи им на сите верници од муслиманска вероисповест лесни рамазански пости и среќни празници, сепак ќе укажам и на нужноста од заедничко изразување солидарност и емпатија за два милиони луѓе во Палестина кои намерно се изгладнуваат, а не постат, иако го почитуваат својот верски кодекс. Во најмала рака можеме да упатиме апел за итен прекин на огнот и доставување хуманитарна помош за овие луѓе, и особено децата, кои гладуваат во степен пострашен од оној во Дарфур или Сомалија“, напиша Ванковска во писмото упатено до Пендаровски, а кое интегрално го објави на својот Фејсбук профил.
 
Ванковска вели и дека однапред ќе ја одбие и поканата за „евентуална покана за средба од ваков вид по повод велигденските празници“.
 
„Верувам дека средствата наменети за овие средби можат да бидат пренаменети за поблагородни цели. Ние, како претседателски кандидати, можеме да испиеме заедничко кафе во кое било кафуле во Скопје или на друго место без да создаваме трошоци и испраќаме несоодветни политички пораки до граѓаните“, пишува Ванковска во писмото до Пендаровски со кое ја одбива неговата покана до сите претседателски кандидати да присустуваат на ифтарска вечера.
 
Ваква вечера вчера организираше и кандидатот за претседател од ДУИ и актуелен министер за надворешни работи Бујар Осамни, но Ванковска не беше поканета на неа. И покрај тоа таа му пиша на Османи дека не припаѓа на „тоа друштво“.
 
„Прво, Османи, очигледно, прави свои ,црни листи’ на подобни и неподобни. За Јакимовски му е јасна поентата, се наоѓа на американска црна листа, но за мене, можеби, знае нешто што јас не го знам. Второ, разговор за избор на европски претседател не ме интересира, бидејќи јас се кадидирам за македонски претседател. Мојата легитимација ќе ја барам од мојот народ и од никој друг, па таман да е и ЕУ. Трето, да организираш гоштевање за ифтар во време кога деца умираат од глад во Газа е во најмала рака непристојно и нечовечно“, напиша Ванковска.