Ванковска му се потсмева на ВМРО-ДПМНЕ: Уставното право не познава одложена примена на уставни измени
Откако ВМРО-ДПМНЕ најави во својата програма дека ќе бара уставните измени за внесување на Бугарите да важат пред влегувањето на Македонија во ЕУ, кандидатката за претседател Билјана Ванковска ѝ се потсмева на главната опозициска партија, велејќи дека „Македонија е земја на чудата“.
„Можеби некој конституционалист/уставен правник ќе ни објасни што значи ова ‘одложена примена на уставните измени’… Јас за вакво нешто во компаративното уставно право не сум слушнала. Но, ова е Македонија – земјата на чудата.
Моето ‘лаичко’ толкување е: ние навистина ќе го смениме уставот и ќе ги вметнеме и Бугарите и сите други, но ќе се преправаме дека уставните амандмани не се во сила до крајот на преговорите. (Не заборавајте дека ветија и намалување на бројот на пратеници за што е потребно да се смени уставот). Впрочем, и Заев ве лажеше за имплементацијата на Преспанскиот договор дека ќе се случи ‘поглавје по поглавје’.
И ова го нарекуваат ‘непопустлива надворешна политика’. Немојте после не сте знаеле. Само треба да читате меѓу редови“, напиша Ванковска на Фејсбук.