Ванковска до Силјановска: Ако си јунак, раскини го Договорот од Преспа!


Фото: Б. Грданоски

Професорката Билјана Ванковска, која во првиот круг од претседателските избори беше дел од седумтемина кандидати, во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ напиша дека иако нејзината тогашна противкандидата, а сега официјална претседателка Гордана Силјановска-Давкова, не го спомнала уставното име Северна Македонија, неа се уште, како што вели, ја жеже и пече придавката „северна“ на сите документи, патокази, дипломи и пасоши.

„Убаво што не спомнала северна, ама мене ме жеже и пече она северна на сите документи, патокази, дипломи, печати… Не е Сирма војвода таа што својот проблем ќе го реши, додека цел народ стенка од него. Ако е јунак, ќе упати раскинувачка нота до Атина“, напиша Ванковска.

Пред одржувањето на вториот круг од претседателските избори, Ванковска изјави дека ќе го бојкотира и се пожали дека е под притисок на ВМРО-ДПМНЕ да даде изјава со поддршка за кандидатката Гордана Силјановска-Давкова.

„Од мигот кога се појавив како потенцијален кандидат за претседателските избори, па до денес, сум под постојан брутален притисок од ‘најголемата’ опозициска партија и нејзините кучиња и мегафони. Бараат од мене најбезобразно да ги дадам гласовите кои вие сте ми ги дале мене (дури и уште пред да ги добијам)! Бараат јавно да гласам. Па, еве штом инсистираат, пред молкот, да им кажам зошто нема да гласам“, напиша таа.