Вакцинација… или ќе нѐ убие црвот на сомнежот

Не дозволувајте теориите на заговор да го заматат вашиот ум и да му направите повеќе штета на вашето дете отколку што мислите дека ќе го заштитите


Кусо, повторливо, постојано кашлање, кое трае со денови и ноќи, а вдишувањето проследено со неприроден свиреж е секојдневната слика што повеќе од 100 дена ја гледаат родителите на децата кои боледуваат од голема или таканаречена магарешка кашлица. Во Македонија годинава, 18 лица заболеа од пертусис, сите завршија во болница, повеќето се невакцинирани, иако за болеста вакцина постои одамна и е дел од редовниот календар за имунизација.

Денеска, Комисијата за заштита од заразни болести препорача да се прогласи епидемија на територија на Град Скопје, затоа што 14 од случите се токму тука. Исто така препорача и невакцинирани деца да не се примаат во градинка. Во Србија денеска објавија дека имаат потврдени 297 случаи, во Хрватска околу 2.500…

Ако не знаете како изгледа болеста, како страшно звучи кашлицата, може да погледнете едно од многуте видеа поставени на интернет од родители кои веќе не можат да го гледаат страдањето на нивното дете или видеа направени од светски познати клиники.

Големата кашлица е мачна и тешка болест, со висок степен на смртност (кај децата околу една година и до 4 отсто), годишно зема близу 300.000 животи. Ја предизвикува бактерија, а се лекува со антибиотик, ако се открие во порана фаза. Се пренесува преку капки, со кашлање, кивање и дури и при зборување, на оддалеченост од еден метар. Вакцина за превенција има од 1914 година, а од 1940 комбинирана е со вакцините за дифтерија и тетанус. Со таа вакцина е надмината епидемијата на пертусис во САД која избила во 1940 и траела до 1945 година, при што биле пријавени повеќе од милион заразени.

Зошто тогаш речиси сите заболени не биле вакцинирани?

Информациите за придобивките од вакцинацијата против големата кашлица, но и за другите болести кои може да се превенираат со вакцина ги има на интернет. Никогаш поблиску до нас и никогаш полесно не сме можеле да прочитаме како тие делуваат и кои бенефити ни ги овозможуваат.

Но, рамо до рамо со нив, се и дезинформациите, кои се темелат на непотврдени студии или на тврдења дека токму во нашата држава се набавуваат непроверени, лоши вакцини, кои покрај „лекот“ за болеста содржат разни додатоци, што се поштетни од самата болест.

Таква, долгогодишно непоправлива штета направи студијата за МРП вакцината од 1998 година, со која се тврдеше дека таа вакцина предизвикува аутизам. Бројни студии по неа докажаа дека тоа не е точно, дека студијата се темели на 12 испитаници, на кои им било платено за учество, а изработувачот на студијата заработи милиони долари, но сомнежите се јавуваат кај сите нови родители кои имаат едногодишно дете на возраст за примање на вакцината.

Се чини дека доволен е црвот на сомнежот да нѐ допре и стравот од вакцинација да се јави. Од тука почнуваме да се правдаме. Што ако направам поголема штета на детето ако го вакцинирам? Зошто да го вакцинирам ако тие болести се „изумрени“? Па, ако се разболи – има лекови! Ами, ако вакцините се пласираат само за фармацевтската ндустрија да заработи, не е ли истата логика и со лековите? Кој ги произведува нив? Истите тие што прават вакцини продуцираат и лекови.

Ако над 95 отсто од населението е вакцинирано, болестите намаат шанса да се развијат. Доколку некој и се разболи, поминува многу полесно. Дополнително, со вакцинирање на своето дете, го штитите и она кое од оправдани причини, можеби, не смее да се вакцинира. Не дозволувајте теориите на заговор да го заматат вашиот ум и да му направите повеќе штета на вашето дете отколку што мислите дека ќе го заштитите.