Вајц за Канал 5: Интервјуто е од пред седум недели, ситуацијата сега е променета


 

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во изјава за телевизија Канал 5 вели дека интервјуто дадено за бугарската редакција на Еуроњуз е снимено пред повеќе од седум недели и дека не му е јасно зошто е објавено дури сега.

Тој вели дека изјавите во кои оценува дека Македонија нема напредок во реформите се дадени на почетокот на март и дека тогаш ја одразувале моменталната состојба.

„Интервјуто е од пред повеќе од седум недели и ја покажува процената за моментумот на почетокот на март“, вели тој.

Тој е изненаден што интервјуто е објавено токму пред неколку дена.

„Мислам дека не е многу професионално, ни беше кажано поинаку. Бев малку изненаден што е објавено пред неколку дена. Но, да за жал изгледа дека има некаква агенда зад тоа“, рече Вајц за Канал 5.

Според него, Северна Македонија бележи напредок во реформскиот процес и има дополнително време да ги исполни потребните обврски во рамки на реформската агенда до јуни.