Усвоените приговори во ДИК недоволни за промена на мандатите?


Фото: Б. Грданоски

 

Државната изборна комисија усвои вкупно седум приговори, со што го поништи гласањето на седум избирачки места за парламентарните избори на 8 мај. Но според бројот на гласачите на тие места тоа, прашање е дали е тоа доволно да се промени бројот на мандатите, освен ако не бидат направени дополнителни коалициски нагодби.

Вчера беа усвоени два приговори на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за Крушево беа усвоени, како и еден за Охрид. ДИК прифати приговор на коалицијата „Вреди“ во општина Желино. Денеска беа усвоени приговорите за две избирачки места во општина Долнени и еден за Струга. Овие три приговори се однесуваат за петтата изборна единица.

Во Изборната единица 5  СДСМ за 109 гласа го загуби четвртиот мандат, кој замина во „Европскиот фронт“ на ДУИ. Со тој пресврт во последниот момент на броењето пратеник стана Исамил Јахоски од Пласница (сопственикот на „Пуцко петрол“).

Во Општина Крушево поништено е гласањето на избирачкото место 1194 во селото Бучин, каде што ВМРО-ДПМНЕ доби 268, а СДСМ 84 гласови. Гласањето е поништено и во селото Јакреново каде СДСМ има 56 гласови, ВМРО – 0, а „Европскиот фронт“ 38.

Во Охрид поништено е гласањето на избирачкото место 1272 во Општата болница. Таму ВМРО-ДПМНЕ добил 236 гласови, а СДСМ 89.

Во Струга е поништено гласањето во избирачкото место 1844 во Секретаријатот за образование. Таму коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ доби 237 гласа, СДСМ 90, Дуи 26 и „Вреди“ 16.

Во општина Долнени се поништени изборите во двете избирачки места (1470 и 1470/1) во селото Дебреште. Таму ДУИ вкупно доби 303, а „Вреди“ 315 гласови. СДСМ 46, а ВМРО-ДПМНЕ 22 гласови.

Во Желино (ИЕ 6) поништено е гласањето на избирачкото место 2102 во селото Мерово, каде ДУИ добила 196 гласови, а коалицијата „Вреди“ 126.

Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием. 

До ДИК вкупно беа поднесени 27 приговори, девет од коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.

(Веста е дополнета)