Уставот не предвидува можност за уставна тужба за нарушени права за здрава животна средина


Фото: Б. Грданоски

Во Република Северна Македонија граѓаните не може да поднесат барање доколку сметаат дека им се нарушени слободите и правата за здрава животна средина. Ова се коси со секоја заложба за унапредување на правата и зајакнување на демократските капацитети во една држава, затоа што развојот на технологијата носејќи ги со себе бенефитите и алатките за подобрување на животот на луѓето, носи и предизвици кои ако не успееме да ги совладаме, одат на сметка на животната средина, а следствено на тоа и на нашето здравје.

Ова денеска го истакна претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска на дебатата на тема „Улогата на Уставниот суд во заштитата на правото на здрава животна средина“ која ја организира Центарот за правни истражувања и анализи во рамки на проектот „Проект за добро управување со животна средина“ кој е дел од програмата Фонд за добро владеење, финансиран од УИ Еид преку Владата на Обединетото Кралство.

– Констутционализмот во развиените демократии, но и во нашиот регион не познава ваква пречка и ова e решено преку можноста за поднесување на уставна тужба, која за жал во нашиот Устав не е предвидена. Затоа сметам дека токму правото на здрава животна средина е едно од правата на човекот и граѓанинот кое може да биде појдовна точка за почетно размислување, дискусија и аргументирање за потребата за воведување на уставна тужба, за која јас силно се залагам и која ќе значи проширување на надлежностите на Судот, рече Кацарска.

Заштитата на животната средина, вели таа, е тема која се актуализира во меѓународни размери во последните децении и општо прифатено е дека човековите права и животната средина се во тесна корелација и врска.

– Токму интересот и грижата на меѓународната заедница за зачувување на животната средина започнува да расте од конференцијата на Обединети нации од 1972 година и прв акт од меѓународно значење во сферата на заштита од еколошкиот криминалитет претставува Декларацијата на Обединети Нации за заштита на човековата околина во која се вели дека заштитата и подобрувањето на човековата околина е прашање од врвно значење и дека се однесува на доброто на населението и на економскиот развој во целиот свет. За жал, впечатокот е дека државата се уште не може да го стави под контрола еколошкиот криминалитет или т.н. криминал на животната средина, причините се сигурно повеќеслојни, а можеби во еден сегмент треба да се размислува за допрецизирање на законите и секако нивна доследна примена, смета Кацарска.

Меѓународните организации, додаде таа, го кренаа нивото на претпазливост кога станува збор за климатските промени и влијанието врз животната средина, но она што се случува во светот нема да не одмине и нас. Затоа, потенцира Кацарска, секој има обврска да даде придонес за отстранување на противречностите меѓу човекот и природата, односно здрава животна средина.

– Уставното право на здрава животна средина, не значи само право да се живее и опстојува во средина во која има соодветни услови (чист воздух, вода, почва итн.) кои овозможуваат опстојување на поединецот, но и право да се бара од Републиката да ја исполни својата уставна обврска за обезбедување услови за остварување на самото право, истакна Кацарска.