Уставниот судија Гоце Наумовски си поднесе оставка пет месеци по изборот
За оставката не знаел ни претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Наумовски беше советник на премиерот Мицкоски за правни работи
Неочекувано за сите уставниот судија Гоце Наумовски поднел оставка, пренесе ТВ 24 повикувајќи се на собраниски извори. Според истите извори оставката е веќе доставена до Собранието.
Од оставката се крајно изненадени во Уставниот суд, затоа што тој Наумовски не го информирал ни претседателот Дарко Костадиновски, ниту некој од неговите колеги. Едноставно, денеска не дошол на седница на судот, иако најавил дека ќе присуствува.
Гоце Наумовски беше избран за уставен судија во февруари годинава по предлог на Комисијата за избори и именување.
Наумовски е професор на Правниот факултет, брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски и како што соопшти Владата надворешен советник на премиерот Христијан Мицкоски за правни работи.
Тој е вториот судија кој поднесува оставка за кратко време од Уставниот суд. Пред него тоа го направи судијката Јадранка Дабовиќ. И двајцата се професори на Правниот факултет.
„До Судот, од страна на судијата Гоце Наумовски не е доставена официјална информација дека поднесува оставка. Судијата денеска беше отсутен од седницата. Официјална потврда не е пристигната ниту од Собранието. Претседателот Костадиновски единствено доби потврда за оставката во телефонски разговор од претседателот на Собранието, Африм Гаши, информираа од Уставниот суд.
Неофицијално, како повод за оставката Наумовски навел лични причини.
По неговата оствка Уставниот суд остана со седум судии.