Уставни измени!? Нив ги прекрија парите за пензионерите и учениците

Никој, барем деновиве, веќе не ги споменува уставните измени. Наместо тоа, опозицијата ветува пари за пензионерите, за општините, помали даноци, а власта фокусот го стави на новиот деветти по ред пакет антикризни мерки тежок 662 милиони евра


Ветувањата за линеарно зголемување на пензиите и за намалување на даноците, од една страна и „отпакувањето“ на новиот, деветти пакет антикризни мерки од страна на Владата каде што во преден план беа парите наменети за пензионерите, учениците и студентите, на голема врата ги исфрли на површина темите со кои партиите ќе се занимаваат во наредниот период. Никој, барем деновиве, веќе не ги споменува уставните измени коишто се услов Македонија да го продолжи патот кон ЕУ и за што изминатите месеци се водеа тешки „битки“ да се фати терминот до самитот на ЕУ на крајот на оваа година.

Но, очигледно „ловот“ по глас повеќе од избирачите за претстојните парламентарни и претседателски избори почна, опозицијата откри делови од партиската понуда, а Владата ги наштелува мерките така за да се поклопат со времето кога најверојатно ќе се одржат изборите.

Можеби станува збор за процена на опозицијата дека ветувањето за линеарно зголемување на пензиите од 5 илјади денари, една година од формирањето на идната влада, ќе донесе многу повеќе гласови од тврдиот став дека не се попушта под „бугарски диктат“ за уставните измени.

Истото важи и за власта – најавата дека од 1 декември, па во наредните пет-шест месеци најранливите категории граѓани, во кои, меѓу другите, спаѓаат пензионерите со ниски примања, односно до нивото на просечна пензија, ќе добијат месечен додаток до 3 илјади денари, или пак делумното преземање на она што веќе се применува во Србија во пресрет на тамошните избори – давање финансиска помош на учениците (кај нас и на студентите) ќе го зголеми салдото гласови на контото на владината коалиција повеќе отколку обвинувањата дека опонентите се сопирачка на европскиот пат.

Во наредниот период веројатно ќе се изнаслушаме уште многу вакви ветувања, како и многу пати до сега, кога партиите ветуваа „мед и млеко“, а во реалноста, граѓаните по изборите се соочуваа со истите проблеми, како нискиот животен стандард, неефикасната администрација, бавното и (често) селективно делење на правдата, со сѐ поголеми проблеми во образованието, здравството…

Првата можност за ова е веќе на 4 декември, кога е закажана седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која единствена точка на дневен ред е Предлог-буџетот за 2024 година.

Позициите во Собранието се одамна познати, па уште сега може да се каже дека власта ќе го презентира Предлог–буџетот како развоен и каде што се задоволени барањата и потребите на сите буџетски корисници, а од друга страна опозицијата ќе го окарактеризира како „нереален и расипнички“.

Така беше и за буџетите изминатите години, а така беше и кога годинава се носеше ребалансот на Буџетот за 2023 година.

Но, ќе биде интересно да се види дали владиниот предлог ќе го издржи тестот на предизборието. Не треба да се занемари фактот дека Предлог–буџетот кој Владата го достави до Собранието на усвојување беше усогласен со Мисијата ма Меѓународниот монетарен фонд којашто изминатиот период престојуваше во земјава. И самото презентирање од страна на Владата дојде истиот ден, непосредно откако на заедничка прес-конференција ММФ и Владата го обелоденија успешното завршување на преговорите за нова финансиска поддршка од Фондот и која несомнено беше условена со проекциите содржани во предлогот на буџетот за наредната година.

Дали оваа буџетска рамка ќе издржи под налетот на барањата на пратениците за дополнителни трошења? Тоа ќе се види наскоро, но треба да се има предвид дека поддршката која што ја доби Македонија од Мисијата на ММФ е условна, односно дека за 200-те милиони евра од Линијата за претпазливост и ликвидност допрва треба да одлучува Бордот на оваа меѓународна финансиска институција.

Исто така, без оглед колку владиниот предлог на буџетот за 2024 година е добар или лош, многу е веројатно дека неговиот рок на траење ќе биде до изборот на новата влада, без оглед на резултатите од изборите. Бидејќи, секоја владина коалиција ќе состави своја (владина) програма врз основа на ветувањата кои биле испорачани за време на кампањата, а кои сигурно во голем дел ќе отскокнуваат од она што сега како реалност се нуди во буџетските расходи.

А, кога сме веќе кај ветувањата, би било пожелно партиите да се воздржат од „симнување ѕвезди од небото“ и да креираат нереални очекувања кои потоа нема да можат да ги исполнат. На скопјани барем им се свежи сеќавањата за бесплатниот градски превоз, кој во реалноста не само што се претвори во големо фијаско, туку тие сега добиваат многу полоша услуга од онаа која што претходно ја имаа.

Дали се научени лекциите од таквите ветувања и поставување на скалата на очекувања на високо ниво?

Тешко.

Најнов пример за такво нешто е на пример ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари. Веднаш да кажеме – тоа не е неизводливо, но прашањето е која ќе биде економската цена која што сите ќе треба да ја платиме.

Простата математика вели дека за исполнување на таквото ветување ќе бидат потребни најмалку 330 милиони евра годишно за 338.241 пензионери, колку што биле евидентирани во септември годинава. Тоа е речиси шест отсто од вкупните буџетски расходи од околу 5,5 милијарди евра предвидени за наредната година, за буџет кој од страна на опозицијата го носи епитетот „расипнички“. За четири години вкупната обврска ќе биде над 1,3 милијарди евра, само за линеарното зголемување од 5.000 денари. 

За да биде „збунката“ уште поголема, на партиската трибина на која ваквото ветување беше обелоденето од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш по неговото обраќање можеше да се слушнат сосема спротивставени ставови, кои ги искажа Трајко Славески, член на највисокото раководство на партијата и нејзин главен економист, универзитетски професор со долг стаж на Економскиот факултет при УКИМ.

Тој буквално кажа дека е потребен нов општествен договор со синдикатите и здруженијата на пензионери кои треба да бидат „умерени во своите барања за зголемување на платите и на пензиите“.

Светска банка и ММФ со месеци наназад укажуваат на опасноста инфлацијата во земјава повторно да се разгори, доколку продолжи подгревањето на потрошувачката преку зголемување на примањата над она што значи зголемување на продуктивноста во стопанството.

На тоа упатува и Славески кој на трибината рече дека еден од предизвиците е „ како да создаваме додадена вредност затоа што само така може да го подобриме животниот стандард“, како и дека „ние можеме номинално да ги зголемуваме и платите и пензиите, но инфлацијата ќе ги брка и ќе ги престигнува и секогаш ќе ја намалува нивната реална вредност“. Таквата спирала, како што посочи, мора да се скрши бидејќи е познато од историјата дека во таа трка помеѓу платите и цените, платите и пензиите се оние што губат. Секогаш и без исклучок.

Славески и во колумната за „Плусинфо“ зборува за феноменот во економијата познат како „истурање пари од хеликоптер“ посочувајќи на владиниот пакет од 26 мерки за кои се предвидени 662 милиони евра или 0,5 отсто од БДП.

И, сѐ би било во ред доколку само една мерка која што ја најавуваат од неговата партија, онаа за пензионерите, е дури половина (50 отсто) од износот на целиот владин пакет, а со уште една за финансиска помош на општините, речиси се изедначува. Тука е и ветувањето за помал данок на добивка.

Како и да е, партиските „хеликоптери“ од опозицијата и од власта (чија програмска понуда уште не сме ја чуле) допрва ќе „истураат пари“.

Наместо тоа, колку за промена, многу подобро би било кога во својата понуда би вклучиле решенија за клучните предизвици пред кои се исправени економијата и државата во целина и мерки кои што ќе значат квалитетни и одржливи реформи.