Уште еден полицаец ќе одговара за „поршето“ на Керим

Министерството за внатешни работи (МВР) поведе дисциплинска постапка и за полицаецот кој прво одби, а потоа нареди пајакот да го крене „поршето“ на ексминистерот Срѓан Керим паркирано на велосипедска патека пред ресторан во скопско Дебар Маало на 22 март, потврди МВР за телевизија Телма.
На 4 април, МВР поведе дисциплинска постапка за двајца полициски службеници од Одделението за лично обезбедување на претседателката на државата кои лажно тврделе дека „поршето“ е службено. Од МВР официјално ги потврдија исказите на очевидци дека обезбедувањето било во ресторанот како придружба на сопругот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Благоја Давков.
Видеото во кое се гледа дека пајак-службата и полицијата не сакаат да го кренат возилото беше објавено на 4 април на социјалните мрежи. Полицаецот во видеото вели дека колата е на полициски службеник на должност. Од МВР велат дека внатрешната контрола отворила постапка кога видеото беше објавено на социјалните мрежи на 4 април, а не на 22 март, кога се случило лажењето на обезбедувањето на Давков, за време на националната жалост по пожарот во Кочани со 59 жртви.
Во соопштението на МВР од 4 април не беше спомнато дека под постапка е и полицаецот кој е во придружба на пајакот.Но, МВР и внатрешната контрола сега тврдат дека и тој сторил „потешко кршење на работниот ред и дисциплина“, без многу детали што конкретно направил и дали им го предал „поршето“ по носењето во депото.