Уредено коритото на реката Мала Рада во Драчево


Финализирано е уредувањето на коритото на реката  Мала Рада во Драчево, кое опфати изградба на пешачка патека и потпорни ѕидови, како и реконструкција на речното корито.

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, изрази задоволство од промоцијата на еден ваков проект, кој е реализиран со поддршка на Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

Како што истакна Стаменкоска-Трајкоска, завршена е реконструкцијата, односно бетонизирањето на дното на речното корито и на страничните бетонски потпорни ѕидови, а просторот е облагороден со урбана опрема.

– Од небезбеден простор и постоење можност за поплави, сега тој е претворен во безбедно место за пријатно уживање и релаксација – изјави Стаменкоска- Трајкоска.

Според заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лешкоска, овој проект е уште една потврда дека инвестирањето во животната средина и во инфраструктурните објекти се проекти на иднината и во интерес на подобрувањето на животот на граѓаните, овој пат на Драчево.

Таа рече дека овој проект, вреден 58 милиони денари, се реализирал во две фази.

– Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата остануваат најдобри партнери на општините. Проектите што се почнати сега, се финализираат. И во наредниот период ќе продолжиме со започнувањето нови проекти, но и со одбележувањето на оние што се завршен – нагласи Лешкоска.

Таа најави дека наредната недела ќе биде распишана јавна набавка за подобрување на водоснабдувањето на руралната населба Каменик во Кисела Вода, вредна 41 милион денари.

Премиерот Мицкоски нагласи дека ова речно корито и овој канал навидум изгледаат скромно, но во суштина се од огромно значење за жителите од овој дел на градот Скопје и Кисела Вода.

– На овој начин се прифаќаат сите оние води што во услови кога може да надојдат, создаваат многу големи проблеми во домовите на жителите на ова населено место, и тоа се случувало во минатото. Со овој проект го решаваме тој проблем – изјави Мицкоски.

Тој потенцираше дека проектот е обезбеден со средства од страна на Владата и, како што кажа, на овој начин практично ќе бидат реализирани повеќе од 1.200 проекти.