Универзална чека одлука по жалба – ќе продолжи ли конечно реконструкцијата?


Фото: Б. грданоски

Реконструкцијата на Универзална сала никако да почне. По изборот на изведувач, пристигната е жалба, уверува министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, па се чека второстепената комисија која одлучува по жалбите да донесе одлука. Тој се надева дека овојпат одлуката ќе биде позитивна, затоа што еднаш јавниот повик веќе пропадна, и дека изградбата на Универзална сала ќе продолжи.   

„Евалуацијата на документацијата заврши. Ја донесовме одлуката за избор на изведувач, тоа беше минатиот понеделник. Чекавме 10 дена, се појави жалба на пртпоследниот ден, по одлуката и сега чекаме второстепената комисија за жалби да се произнесе во однос на таа жалба. како што знаете претходниот пат падна, се надевам дека овој пат нема да се случи тоа. И како сѐ биде во ред, не знам на која седница второстепената комисија за жалби ќе се донесе одлуката, но штом ќе се донесе, веднаш пристапуваме кон потпишување на договорот и почеток на реконструкцијата, бидејќи, знаете и средствата се обезбедени“, рече Љутков, прашан за продолжувањето на изградбата на Универзална сала, на денешната прес-конференција посветена на несогласувањата со Синдикатот на култура.

Прашан дали можеби процесот ќе се одолговлекува до недоглед, тој вели дека тоа е многу отворен процес.

„Ние се надевавме дека ќе има повеќе заинтересирани, но сепак имаше само двајца понудувачи, од кои на едниот, како што одлучи комисијата, дека лиценцата по пожарот во Кочани, лиценците им беа, дали одземени, дали привремено одземени, но таа не ги исполнувале условите. Само една компанија ги исполнуваше условите и донесовме одлука таа да биде изведувач на реконструкцијата на Универзална сала“, рече Љутков.

Инаку, според законите, второстепената комисија има рок од 30 дена да одлучи по жалбата, што во случајот завршува на крајот на овој месец.

На страницата на Државната комисија за жалби по јавни набавки, не може да се најде оваа жалба, во времето кое го посочува министерот. 

Рокот за реализација на проектот е предвиден до декември 2027 година. Набавката се реализира по принципот Клуч на рака, што значи дека во предвидениот рок објектот ќе биде целосно изграден, уреден и подготвен за користење, односно за одржување на концерти, настани и други културни содржини.

По преземањето на објектот на Универзална сала од Градот Скопје, а особено по настанатиот пожар, Министерството за култура и туризам спроведе низа активности со цел успешна реализација на проектот за нејзина реконструкција.

Како дел од овие активности, Министерството преку измени и дополнувања на проектната документација преземена од Градот Скопје, обезбеди целосно нова проектна документација на ниво на основен проект за реконструкција на Универзална сала.

Кој е во Координативното тело за Скопје европска престолнина на културата 2028? 

Овој проект беше претставен пред македонската јавност, а со неговата реализација ќе се зачува споменот и колективната меморија за објектот, а воедно ќе му се даде и нов, современ и повеќенаменски карактер.

Манифестацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ покрај во останатите објекти од областа на културата во градот ќе се одвива и во обновената Универзална сала, која повторно ќе стане едно од омилените места за културни настани и собири на граѓаните, се вели во соопштението на ресорното министерство. (Б.Б.)

Бујар Муча го подобри своето првично решение за Универзална сала – почна со Шилегов, ќе заврши со Љутков