Уникатна математика на Мицкоски: пензиите пораснале за 325 отсто со оваа влада во споредба со претходната
Премиерот Христијан Мицкоски, во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител, говорејќи околу економската состојба во државата, истакна дека доколку се направи компаративна анализа помеѓу владите на СДСМ и ДУИ и сегашната предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со ВЛЕН и ЗНАМ како коалициони партнери, се доаѓа до заклучок дека просечната плата сега расте за 70% месечно повеќе, а старосната пензија е за цели 325% побрзорастечка на месечно ниво споредено со претходната влада.
„Просечната плата, ако анализирате 84 месеци влада на СДСМ и ДУИ… Кога велам 84 месеци, зборувам од месец јуни 2017 година, којшто е прв месец на таа влада, заклучно со месец мај 2024 година, којшто е последен месец на таа влада, бидејќи јуни 2024 година ни е попола — наша влада и техничка влада на СДСМ и ДУИ. Затоа завршуваме до месец мај 2024 година. Ако го анализирате порастот на просечната плата во тој период и го споредите со порастот на просечната плата од месец јули 2024 година, којшто е наш прв месец како Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а со коалиционите партнери ЗНАМ и ВЛЕН, и последниот податок којшто го има објавено Државниот завод за статистика — а тоа е мај 2026 година, тоа се 23 месеци — ќе дојдете до заклучок дека за 70% повеќе расте просечната плата во овој период на оваа Влада споредено со периодот на претходната влада. Тоа се бројки. Овие бројки вие не можете да ги лажирате“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Или да речеме старосната пензија. Старосната пензија во овој период на оваа Влада, замислете — јас лично ја правев оваа анализа — е за 325% побрзорастечка на месечно ниво споредено со претходната влада на СДСМ и ДУИ“.