Унгарија се заканува со блокада на Украина во ЕУ ако не даде права на нејзиното малцинство


Министерот за надворешни работи Петер Сијарто

Унгарија ги „отфрла самите разговори“ за европско финансирање за понатамошно вооружување на Украина додека Киев не ги врати правата на унгарското малцинство во Украина и не ја отстрани унгарската банка ОТП од листата на меѓународни спонзори на војната, изјави унгарскиот министер за надворешни работи.

Воената дебата повторно покажа дека треба повеќе да зборуваме за мир „бидејќи огромното мнозинство сè уште зборува за војна“, рече Петер Сијарто по неформалните состаноци на европските министри за надворешни работи во Толедо, Шпанија. Мнозинството е за продолжување на вооружувањето, додаде Сијарто.

Овој пристап и предлогот на ЕУ да издвојува пет милијарди евра годишно за воена помош во следните четири години покажа дека „сите сметаат на долготрајна војна“, продолжи министерот. „За жал, денеска повторно бев единствениот кој зборуваше против тој пристап. Не сакаме уште четири години војна, сакавме да ја завршиме што е можно поскоро“, истакна Сијарто.

Според него, Унгарија била под огромен притисок да гласа за нова транша од 500 милиони евра за испорака на оружје за Украина и пакет од 20 милијарди долари во следните четири години. Тоа значи дека унгарските даночни обврзници ќе треба да платат 210 милиони евра иако „воопшто не се одговорни за војната“, нагласи тој.

Унгарија одбива да разговара за овие предлози додека Украина не ја отстрани ОТП банката од листата на меѓународни спонзори на војната.

„Неверојатно е дека од Унгарија се очекува да плати милиони евра од своите даночни обврзници за да ја вооружи Украина, а истата таа земја банката со сметките на три милиони Унгарци ја нарекува меѓународен спонзор на војната“, посочи тој.

Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, понуди да се сретне со Сијарто и со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеб, но подоцна се повлече, рече Сијарто.

Што се однесува до унгарското малцинство во Украина, Сијарто рече дека „украинизацијата“ на околу 15.000 ученици ќе започне на 1 септември, а Унгарија истовремено ќе обезбеди образование за 5.000 украински деца бегалци.Тој додаде дека новите правила кои стапуваат на сила во Украина претставуваат „сериозно кршење на меѓународното право“ и најави дека Унгарија ќе го смета ова прашање за приоритет кога наесен ќе почне проценката на апликацијата на Киев за членство во ЕУ. Унгарија, исто така, остро ќе се спротивстави на предлозите за воведување санкции врз рускиот енергетски сектор, рече Сијарто.

„Не само затоа што тоа е против нашите национални интереси, туку и затоа што санкциите против нуклеарниот сектор се одличен пример за тоа како санкциите ја уништуваат конкурентноста на европската економија и како нè прават будали“, посочи тој. САД повеќе од двојно го зголемија увозот на ураниум од Русија во првата половина на 2023 година, рече Сијарто.