УНЕСКО усвои одлуки за Бутринти, Ѓирокастро и Берат, одлуката за Охридско Езеро ја одложи за следната година
Тирана – Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на состанокот во Њу Делхи, Индија, ги усовил одлуките за албанските центри за светско наследство, Бутринти, Берат и Ѓирокастро, но ја одложил одлуката за албанско-македонското прекугранично подрачје на Охридското Езеро за следната година, објавија албанските медиуми.
Во одлуката за Бутринти, УНЕСКО бара од албанските власти до први февруари 2025 година да достават карта на имотните граници за Бутринти, кои пред две години беа променети од албанската влада, без знаење и одобрение на УНЕСКО а од паркот Бутринти беа отпишани 800 хектари.
Во одлуката, УНЕСКО се изразува жалење што сè уште се чека разјаснувањето на границите на имотот и неговата тампон зона и бара од Албанија да достави, како прашање од приоритет, јасна и прецизна карта на која ќе биде прикажана границата на имотот од светското наследство и границата на тампон зоната која ќе биде разгледана од Центарот за светско наследство.
Во однос на одлуките на УНЕСКО Министерството за економија, култура и иновации во соопштение наведува дека „без никаква резерва ги поддржа одлуките на Центарот за светско наследство кои Комитетот на УНЕСКО ги официјализираше со едногласен став, а кои сметаме дека се многу објективни, целосно исправни и крајно професионални“.
Опозицијата последно обвини дека се во тек големи градежни проекти во поранешната тампон зона на Националниот парк Бутринт, поткрепувајќи го тоа со фотографии. Истото се однесува и за крајбрежјето на Охридско Езеро.