УНДП ќе овозможи репроценка на имот во Скопје, а ќе придонесе и за План за чист воздух
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека бил направен првиот формален чекор кон операционализација на Меморандумот за соработка помеѓу Град Скопје и УНДП, потпишан со постојаниот претставник во Македонија, Армен Григоријан, оценувајќи го како чекор со кој заедничката визија ја претвораат во конкретна, мерлива и одржлива акција.
Со потпишувањето на Договорот и Планот за имплементација, Ѓорѓиевски вели дека започнуваат со реализација на три стратешки пилот-активности од клучно значење за иднината на Скопје.
Првиот проект опфаќа репроценка на недвижниот имот во Општина Центар – пилот кој ќе овозможи воспоставување на модерен, дигитален и целосно функционален систем за данок на имот.
„Ова значи поголема транспарентност, поефикасна наплата и посилна фискална стабилност на локално ниво“, посочува градоначалникот.
Вториот проект е поддршка за организација на првата меѓународна конференција, со која Скопје го прави првиот крупен чекор кон реализација на визијата – Скопје како Европска престолнина на културата во 2028 година.
Третиот опфаќа изработка на првиот сеопфатен План за чист воздух заснован на докази, документ што ќе донесе јасни мерки, дефинирани одговорности, проценка на трошоци и конкретен патоказ за системско намалување на загадувањето, еден од најголемите предизвици со кои се соочува Скопје.
„Градот Скопје особено ја цени експертската и техничката поддршка од УНДП. Нивната улога е клучна, од развој на дигитални системи, преку организација на меѓународни процеси, до подготовка на аналитички и стратешки документи. Ова партнерство ни овозможува да ги примениме најдобрите светски практики и да ги вградиме во работата на нашите институции. Ова е почеток на нова развојна фаза за Скопје. Фаза во која градот станува поорганизиран, поодржлив, покултурно препознатлив и поеколошки одговорен“, истакна Ѓорѓиевски, кој воедно упати благодарност до УНДП за довербата и партнерството, како и до сите институции и експерти кои ќе бидат дел од овие процеси.
Тој исто така порача дека Скопје има потенцијал да биде модерен, европски и одржлив град.