„Умниверзум“ првиот АИ бесплатен тутор ќе ги учи средношколците математика

Во земјава пристигна „Умниверзум“ првиот АИ агент. „Универзум“ е АИ бесплатен тутор по математика во светот создаден целосно од студенти и професори на Бреинстер Некст колеџот и алумни студенти од Бреинстер академијата. „Умниверзум“ е бесплатен и достапен 24/7, а е наменет за сите средношколци кои имаат потреба од поддршка во учењето.
На презентацијата која вечерва се одржа во Скопје, беше потенцирано дека „Умниверзум“ овозможува помош при подготовка за тестови по математика, подобрувања на математичките вештини преку интерактивни задачи и натпревари, чекор по чекор објаснување на математичките проблеми и помош при решавање на домашните и училишните задачи по математика. Слабите резултати на македонските средношколци на последните ПИСА тестирања биле главната мотивација на тимот на Бреинстер за да го создаде овој прв, бесплатен и најпрецизен AI-тутор за математика во светот.
-Ние веруваме во потенцијалот на македонските ученици и сме посветени да го поттикнеме развојот со помош на најсовремени алатки и нашата докажана посветеност. На тестирањата се покажа дека Умниверзум решава, вежба, подучува и тоа со 100 проценти точност, беше истакнато на промоцијата на „Универзум“ АИ агент – бесплатен тутор по математика.
-Секојдневно сме во контакт со студенти и средношколци и најдиректно го имаме посведочено влијанието на квалитетната и стабилна академска основа кај студентите, односно што е потребно за еден човек да биде академски и кариерно успешен. Ова, заедно со последното истражување на ПИСА од 2022 година, каде што Македонија од 81 земја се рангираше на 61 место ни ја нацртаа сликата дека е потребно да придонесеме кон подобрување на „крвната слика“ на образованието. Затоа решивме да создадеме бесплатен АИ-тутор по математика кој по своите перформанси е најдобар математички тутор во светот и со неговото користење сигурно ќе постигнеме подобри резултати и македонските средношколци ќе бидат поконкурентни на пазарот на знаење и труд, истакна Петар Ниновски, основач и ЦЕО на Бреинстер.
„Умниверзум“ овозможува помош при подготовка за тестови, подобрувања на математичките вештини преку интерактивни задачи и натпревари, чекор по чекор објаснување на математичките проблеми и помош при решавање на домашните и училишните задачи по математика. Во поглед на перформансите, оваа алатка рангира како најдобар математички тутор во светот, во споредба со својата конкуренција. Истиот е насочен најдиректно и кон учениците кои имаат потреба, но немаат прилика да имаат личен тутор по математика.
-Секој пат кога еден ученик бил подучуван еден-на-еден постигнувал за дури 98 проценти подобар перформанс од друг ученик кој што учел во стандарден процес. Тоа е значително поголема разлика. До сега ниту технологијата, ниту финансиите, ниту просветните работници не можеле да одговорат на овие предизвици, но сега поради напредокот на вештачката интелигенција можеме да ги таргетираме овие предизвици и затоа од два аспекти целиме Умниверзум да се прошири. Првиот е тоа што платформата е направена да биде лесна за користење, се прилагодува на секој корисник посебно, во зависност од неговите лични потреби, да има натпревар помеѓу средношколците и преку тоа да ги мотивираме и самостојно да ја користат платформата. Од друга страна сакаме и целиме кон тоа до крајот на 2025 година да ги приклучиме и да ги внесеме сите средношколци од Македонија на УМНИВЕРЗУМ за математика, а во следната година да го прошириме на сите останати предмети за основното и средното обраозвание – и идеално, конечно да биде и официјална дидактичка алаткa, нагласи Миа Новкоска, проектен и продукт менаџер на „Умниверзум“.
Студентите Ангела, Виктор и Бојана од Некст колеџот и алумни студентите Даниела и Влатко од Бреинстер, заедно со професорите Ѓорги Јаневски и Ивица Пешовски, го изработија овој продукт и се заслужни што истиот бесплатно ќе може да се користи од сите средношколци.
-Проектот беше предизвик во кој што не знаеш со што ќе се соочиш. Предизвикот беше еднаков за сите, но беше специфично интересно искуство за студентите, кои беа инволвирани во целиот процес од самото осмислување, до изнаоѓање решенија на сите проблеми и предизвици пред кои се најдовме. Навистина е големо достигнување и за нив и за нас, рече Пешовски.
Според нив, искуствено, најдобро се учи преку работа на реални проекти.
-Не можеш да станеш Формула 1 возач од презентации и меморирање на факти. Мораш да возиш и да тренираш за да станеш формула 1 возач. Затоа за време на студирањето, нашите студенти ги изложуваме на проекти кои решаваат општествени или проблеми во компании. Целта е да стекнат практично искуство и да изградат портфолио на проекти кои подоцна ќе им помогнат да се вработат или да започнат со бизнис. Умниверзум е најзначајниот проект кој досега сме го изработиле, бидејќи има потенцијал и за цел навистина да придонесе кон сериозна трансформација на образованието во Македонија ,подигнување на квалитетот и подготовка да зачекориме кон светот на сериозна употреба на вештачката интелигенција и сите други напредни алатки и технологии, рече Петар Ниновски.