Улицата „Прашка“ во Тафталиџе стана еднонасочна
Од денеска почнува да функционира новиот сообраќаен режим на улицата „Прашка“, во населбата Тафталиџе 1. По оваа улица каде што има и повеќе воспитно – образовни установи, ќе се вози во една насока, со што ќе се ублажи метежот во овој дел од Карпош.
– Со новата хоризонталната и вертикална сигнализација ќе се придонесе кон подобрување на безбедноста на сообраќајот во овој дел од Карпош. Тука веќе се поставија и четири платформи за забавување на сообраќајот (т.н. „легнати полицајци“). Во моментов се работи на поставување на „легнати полицајци“ и пред други основни училишта: „Јан Амос Коменски“, „Војдан Чернодрински“, „Димо Хаџи Димов“ и „Братство“, рече градоначалникот на Карпош Стефан Богоев.
Меѓународното училиште „Нова“ го донираше проектот за целиот сообраќаен режим.
Менаџерот на „Нова“, Иван Новаковски, потенцираше дека за еднонасочниот сообраќај разговарале со голем број родители и дека оваа иницијата денеска се реализира на негово задоволство.
– Тафталиџе 1 беше најпогодено од непланската урбанизација, а со овие мерки ќе се санира дел од направената штета, рече Новаковски.
Локалната самоуправа ќе продолжи со подготовка на проектите за еднонасочни улици, особено во деловите каде што има повеќе училишта и градинки.
Градоначалникот Богоев ги повика сите карпошани, граѓани, да ги почитуваат новите сообраќајни знаци, да возат внимателно и совесно, затоа што сите носиме одговорност за безбедноста во сообраќајот.