Украинскиот министер за правда суспендиран поради корупција


Министерот за правда герман Галушченко (во средината) и претседателот Володимир Зеленски во февруари 2025 (Фото: Ројтерс)

 

Украинскиот министер за правда Герман Галушченко е суспендиран поради наводен корупциски скандал во енергетскиот сектор на земјата, откриен од Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата или САПО.

АФП објави дека властите тврдат оти Галушченко бил вмешан во корупциска шема од 100 милиони долари оркестрирана од Тимур Миндич, сојузник на претседателот Володимир Зеленски, и лично имал корист од заговорот.

Но, Ројтерс соопшти дека министерството потврдило дека тој е предмет на активна истрага, но не прецизирало дали тоа е поврзано со случајот за корупција во енергетиката.

Премиерката Јулија Свириденко утрово во објава на социјалните мрежи изјави дека одлуката е донесена на вонредна владина седница, при што заменичката-министерка за правда за европски интеграции Људмила Сухак е задолжена да ги преземе должностите на Галушченко.

Галушченко се согласи со одлуката на владата, велејќи дека „суспендирањето за време на траењето на истрагата е цивилизирано и соодветно сценарио“.

„Ќе се бранам на правна сцена и ќе ја докажам мојата позиција“, додаде тој.