Украинците го изведоа еден од најуспешните напади досега: Уништени три лансери на „С-400“


 

Ноќта на 17 април, украинските сили повторно го нападнаа окупираниот полуостров Крим, а судејќи според видеата кои кружат на социјалните мрежи, нивна цел била руската воздухопловна база Џанкој.

Наводно, и сателитски снимки потврдиле дека имало неколку експлозии во воздухопловната база.

Како што пренесува Defence Blog, се верува дека нападот го извршиле со американски ракети ATACMS (не е јасно дали се работи за варијанта со кластерско полнење или пак со единствена боева глава, за која не е сигурно дали Американците ја доставиле до Киев), а учинокот наводно бил многу разорен за руските сили.

Имено, Defence Blog наведува дека се оштетени неколку руски системи за противвоздушна одбрана, меѓу кои и неколку уништени лансери и радарскиот систем „С-400“. Тоа е веројатно најмодерниот руски систем, кој има дострел од стотици километри (во зависност од типот на ракетата што се користи), а служи за заштита на небото од крстосувачки и балистички ракети, борбени авиони и поголеми беспилотни летала. Се верува дека комплетниот воен систем „С-400“ чини и до 800 милиони долари, иако за оригиналната верзија е наведена нешто помала цифра од 625 милиони долари.

По нападот, од местото на настанот почнаа да протекуваат фотографии, според кои се чини дека некои компоненти на системот „С-400“ навистина се уништени – се разбира, под претпоставка дека навистина се работи за автентични фотографии.

Советникот на украинскиот министер за одбрана Антон Герашченко на Твитер објави дека се уништени три лансери „С-400“, радарски систем за „С-400“, два лансери на системот „С-300“, складиште за муниција.

Во секој случај, ако оваа информација се покаже како точна, губењето на системот „С-400“ или негови клучни делови, секако претставува значаен удар за руските сили на Крим, бидејќи тоа е многу ретко оружје, неопходно за заштита на стратешки важни објекти.

Воздухопловната база Џанкој и претходно беше цел на украински напади, што е логично со оглед на бројот на борбените авиони кои ја користат како почетна точка за своите операции.