Украина ќе го избрише и Толстој за да не ја потсетува на Русија
Голем број украински градови ќе ги преименуваат улиците и плоштадите за да се оттргнат од сè што е поврзано со Русија. Тоа ќе се случи во процесот на „дерусификација“ по инвазијата на Москва.
Еден ден по демонтирањето на огромниот споменик од советската ера во Киев, кој го симболизира пријателството меѓу Русија и Украина, Градскиот совет на Киев објави дека составил список од 467 места кои може да се преименуваат, објави Ројтерс.
Тие вклучуваат централен плоштад именуван по писателот од 19 век Лав Толстој и улица именувана по Бајкалското Езеро во Русија. Улица именувана по Минск, главниот град на блискиот сојузник на Русија, Белорусија, е исто така на списокот за преименување.
Откако Украина прогласи независност од Советскиот Сојуз во 1991 година, имињата на некои градови беа променети за да се избрише руското наследство. И Игор Терехов, градоначалник на источниот украински град Харков, планира да ги преименува местата со имиња поврзани со Русија.
„Дури и без ова преименување, ќе има премногу индиции кои долго ќе не потсетуваат каков сосед имаме“, напиша тој во апликацијата за вести Телеграм.
На предлог на гувернерот на регионот Чернихив, улиците или плоштадите во главниот град на регионот ќе бидат преименувани во Прва тенковска бригада.