УЈП спроведе 383 контроли за фискализација – 27 отсто од контролираните субјекти со утврдени неправилности 


Во периодот од 04.08 до 10.08 2025 година, Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 383 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, шанкови на плажа, хотели, бутици, колонијали, цвеќарници, месарница, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало.

Контролите беа реализирани низ државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи, соопштија од УЈП.

Притоа, од вкупно 383 контролирани субјекти, кај 27 отсто  односно кај 106 од контролираните субјекти  биле  констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет.

За утврдените неправилности донесени се 106 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот.

За пет субјекти поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).

Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна:

  • Во Струга, Охрид и Битола извршени се 124 контроли, а утврдени се 21 неправилности, од кои 5 неправилности во Струга, 10 во Охрид и 6 во Битола ;
  • Во Прилеп, Неготино, Кавадарци и Велес извршени се 20 контроли, a утврдени се 10 неправилности , од кои 3 во Прилеп, 1 во Неготино, 3 во Кавадарци и 3 во Велес;
  • Во Тетово, Гостивар, Маврово и Дебар извршени се 126 контроли, а утврдени се 61 неправилност, од кој 34 во Тетово, 25 во Гостивар, 1 во Маврово и 1 во Дебар;
  • Во Куманово извршени се 51 контроли, а утврдени се 6 неправилности;
  • Радовиш, Струмица, Дојран, Валандово, Делчево и Гевгелија извршени се 62 контроли, а утврдени се 8 неправилности, од кои 3 во Радовиш, 3 во Струмица и 2 во Дојран.

„Апелираме до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата“, велат од УЈП.

Од таму посочуваат дека Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници.

Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување.

Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници, се вели во соопштението до медиумите.