УЈП со засилени активности за подобрување на даночната усогласеност во градежниот сектор

Управата за јавни приходи (УЈП) денеска соопшти дека во рамки на „Планот за подобрување на усогласеноста во градежниот сектор“ усвоен во јануари 2025 година, започнала со спроведување на засилени активности насочени кон даночните обврзници од градежниот сектор.
-Според направените анализи, овој сектор е идентификуван како високоризичен од аспект на даночна дисциплина, особено во контекст на актуелните пазарни трендови, зголемената побарувачка за недвижности и зачестеното плаќање во готово. Во изминатиот период, со цел подигнување на даночната свест и поттикнување на доброволна усогласеност, УЈП реализираше низа активности меѓу кои: едукативни средби/настани за даночните обврзници од градежниот сектор, со фокус на правилна примена на даночните прописи, во соработка со претставници на Стопанските комори се одржаа консултативни состаноци со цел зајакнување на институционалната соработка и размена на информации, појаснување на одредбите од даночните закони и усогласено работење на компаниите од градежен сектор според регулативите, се навдува во соопштението.
Овие активности, додава УЈП, претставуваат основа за даночно усогласено работење на обврзниците од овој сектор и преку овој пристап, Управата има цел да се поттикне одговорно однесување на даночните обврзници од градежниот сектор и да се создадат услови за доброволна усогласеност, што е во интерес и на обврзниците и на јавните финансии.
-Управата за јавни приходи потсетува дека, согласно важечките законски прописи, првиот промет на станови во рок од пет години по изградбата подлежи на оданочување со повластена стапка на ДДВ од 5 проценти. По истекот на пет години, прометот е ослободен од ДДВ, но без право на одбивка на влезниот данок, што подразбира обврска за корекција кај обврзниците кои претходно го одбиле истиот. Управата за јавни приходи достави 318 персонализирани известувања до таргетирани даночни обврзници од градежниот сектор, со кои ги повика да извршат корекција на одбивката на влезниот данок на додадена вредност (ДДВ) во вакви случаи. Оваа мерка има превентивен карактер и овозможува усогласување со законските обврски, со цел избегнување на санкции и дополнителна постапки за контрола, се наведува во соопштението.
Паралелно со превентивните мерки, УЈП започнала и со спроведување на даночни контроли насочени кон следните утврдени потенцијални ризични состојби: продажба на објекти по истекот на пет години од нивната изградба, договори со нереално ниска продажна вредност, непријавени вработувања и ангажмани, значителни разлики меѓу реалниот обем на изградба и пријавените приходи од продажба, издавање фактури без прибелешки во јавните книги, неправилна примена на механизмот за пренос на даночна обврска (reverse charge).
-Целта на овие контроли е откривање и санкционирање на даночни неправилности, заштита на буџетските приходи и обезбедување фер услови за сите учесници на пазарот. Апелираме до сите градежни компании и инвеститори да ги прегледаат своите финансиски и даночни практики и да обезбедат усогласеност со законските прописи. Доброволното даночно усогласено работење придонесува за фер конкуренција, заштита на буџетот и јавниот интерес, градење доверба во институциите и економскиот систем, подобра деловна репутација и предвидливост во работењето, нагласува УЈП.
Во соопштението се додава и дџека УЈП ги охрабрува сите даночни обврзници кои имаат потреба од дополнителна поддршка, информации или насоки за усогласување со даночните прописи, да се обратат до УЈП преку следните канали: Е-пошта: [email protected], телефон: 02 3253 200, Контакт-центар на УЈП лично.
-Во сите организациони единици на Управата низ државата УЈП останува посветена на транспарентна комуникација, професионална поддршка и градење партнерски однос со даночните обврзници, со цел заедничко унапредување на даночната култура и економска стабилност, се додава во соопштението.