УЈП повикува да се исполнат ДДВ обврските – загрижувачка состојба по истекот на рокот на 25 јули 2025


Фото: Б. Грданоски

Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека заклучно со 25 јули 2025 година евидентирана е загрижувачка состојба во однос на исполнувањето на обврските поврзани со данокот на додадена вредност (ДДВ).

Според последните податоци:
• Не се поднесени ДДВ-пријави од 142 месечни и 2.134 тримесечни обврзници.
• Пријавен, но неплатен ДДВ-долг е евидентиран кај 1.326 месечни и 7.748 тримесечни обврзници.

„Непочитувањето на законскиот рок е сериозен прекршок. Сите обврзници кои не поднеле ДДВ-пријава и/или не го платиле ДДВ-долгот се повикуваат итно да постапат согласно законските прописи. Даночната дисциплина не е избор, туку законска обврска и одговорност на секој граѓанин и компанија — темел за функционална држава“, предупредува директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова.

Управата за јавни приходи веќе достави персонализирани известувања до сите ДДВ-обврзници кои имаат пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период.

Преку координирано постапување и интензивна комуникација со даночните обврзници и со сметководителите, се спроведува целосен сет активности и мерки — со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата.

За секој ден на задоцнување, се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг.По доставата на опомените, Управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно.

Со цел навремено информирање и исполнување на обврските, како и обезбедување солидна даночна историја, УЈП останува во постојана комуникација со сите релевантни страни, се вели во соопштението до медиумите.