УЈП: Поднесени 40 отсто од ДДВ-04 пријавите, рокот истекува на 25 јули

Даночните обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители и навреме да ги поднесат ДДВ-04 пријавите за тековниот даночен период. Крајниот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите е петок (25 јули), соопштија денеска од Управата за јавни приходи.
-Досега, од очекуваните 41.171 ДДВ-04 пријави, поднесени се вкупно 16.015, што е близу 40 отсто од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат пријава и претставува зголемување од 10 п.п. во однос на претходните два квартала, кога за истиот период биле поднесени околу 30 отсто од очекуваните пријави. Сепак, остануваат уште 25.156 ДДВ-04 пријави да се поднесат до петок кога е и крајниот законски рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи апелира до сите даночни обврзници да ги исполнат своите законски обврски навремено, за да избегнат стрес и дополнителни финансиски трошоци.
-Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата е од исклучителна важност за правилното усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на бизнисите и за развојот на економијата. Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат на: Е-пошта: [email protected] Телефонски броеви: • Од фиксна линија: 0800 33 000 • Од мобилен телефон: 02 3253 200, се посочува во соопштението.
Од Управата за јавни приходи и нејзините стручни тимови велат дека во секое време стојат на располагање за информации и поддршка со цел успешно исполнување на даночните обврски од страна на даночните обврзници.