УЈП од електронски аукции во државниот буџет инкасирала 314.230 евра


Фото: Б. Грданоски

Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека за период 01.01 до 31.07.2025 година, преку спроведување електронски аукции на движни и недвижни предмети, успешно се наплатија даночни долгови од физички и правни лица. По тој основ, во државниот буџет се инкасирани вкупно 19 419 411 денари (приближно 314 230 евра). Преку е-аукција за период 01.01.2025 година, а заклучно со е – аукцијата во јули продаден е недвижен имот со вкупна површина од 302 м² и тоа: – стан од 72 м² (Охрид) – деловен простор од 111 м² (Струмица) – земјиште од 103 м² (Прилеп) – просторија на мезанин од 17 м² (Скопје).

Според УЈП, вкупната постигната продажна вредност на недвижниот имот изнесува 13 289 807 денари (215 045 евра).

-За периодот 01.01 до 31.07.2025 година на одделни месечни аукции беа продадени и 26 движни предмети, меѓу кои патнички и товарни моторни возила, како и 10 машини за шиење и кроење. Вкупната вредност на овие предмети изнесува 6 129 604 денари (99 177 евра). Од постигнатата цена на аукција, прво се наплаќаат трошоците за постапката, потоа каматата, а на крај главниот долг на даночниот обврзник. Поради неплатени даночни обврски, а по две неуспешни аукции, за период 01.01 до 31.07 годинава државата се стекна со следниот недвижен имот; – деловна просторија од 21 м² (Прилеп) – земјоделско земјиште од 13.333,92 м² (Кавадарци) – деловен простор од 259 м² и викендица од 91 м² (Струмица) – два стана од по 93 м² (Битола) Проценетата вредност на стекнатиот имот изнесува 33.176.370 денари (536.794 евра). Државата се стекнува со имот од неплатени даночни обврски кога имотот нема да се продаде на две е – аукции. Во таков случај долгот на должникот се отпишува за 50 отсто од проценетата вредност на имотот кој преминува во државна сопственост, наведува УЈП.

Согласно законските овластувања, УЈП спроведува електронски аукции (е-аукции) како дел од постапките за присилна наплата на даночни долгови. Оваа мерка се применува во случаи кога даночните обврзници не ги подмируваат своите обврски доброволно и откако ќе бидат исцрпени другите, поекономични методи за наплата. Е-аукциите претставуваат продолжение на законската постапка за обезбедување и заплена на имот на должниците. Целта е обезбедување ефикасна наплата на јавните приходи и правична наплата на долговите кон државата, со што се гарантира фер третман на сите даночни обврзници и се штити државниот буџет.

УЈП преку своите служби за присилна наплата и даночните извршители ги спроведува овие постапки транспарентно, преку јавна веб платформа.

-Апелираме до сите граѓани и правни субјекти навремено да ги исполнуваат своите даночни обврски. Неплаќањето данок навреме предизвикува сериозни финансиски и правни последици. Се акумулираат камати и казни, се покренуваат постапки за присилна наплата, а во крајна инстанца може да дојде до одземање на личен или деловен имот. Исполнувањето на даночните обврски не е само законска обврска – тоа е чин на одговорност кон себе и кон заедницата. Со навремено плаќање, граѓаните и компаниите придонесуваат кон стабилна економија, функционални институции и повеќе средства за проекти кои нудат поквалитетни услови за живот за сите. Даночната обврска е законска должност. Неплаќањето не е избор – тоа носи последици, подвлекува УЈП.