Удари од сите страни за Сиљановска, пак од Левица
Политичката партија Левица смета дека со тоа што претседателката на државата се сликала без македонското знаме на средбата со бугарскиот претседател направила потег со којшто оди против македонските интереси.
„Сметаме дека намерно е изоставено македонското знаме затоа што тоа е порака која бугарскиот државен врв ни ја праќа и едноставно гледаме дека македонската претседателка и Кабинетот на претседателката уште не можат да се освестат и да сфатат дека треба да ги штитат македонските интереси“, изјави пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, на прес-конференција во Собранието.
Во соопштението на партијата се вели дека „Сиљановска е пион во бугарската игра“.
„На заедничката средба помеѓу претседателите на Македонија и Бугарија, македонското знаме беше отсутно. Овој чин е далеку од само дипломатски инцидент, туку – симболичен показател на односот на владеачките елити кон бугарските врховистички барања и доказ дека Сиљановска е пион во бугарската игра со македонскиот идентитет – без знаме и без гордост“, стои, меѓу другото, во соопштението.
Мециновиќ најави дека како политичка партија ќе достават измени на Законот за домување по скратена постапка со кои предлагаат воведување на максимална граница за изнајмување на станови на три отсто од вредноста на станот. Ова, како што изјави, го предлагаат бидејќи во консултација со претставници на студентите заклучиле дека состојбата со леглата во студентските домови е алармантна и дека за разлика од 2020 година кога имало 4.000 легла, сега има 2.000 легла.
„Со измените во Законот за домување предлагаме воведување на максимална граница на изнајмување на станови на месечно ниво. Законодавецот во овој момент вешто има предвидено минимална граница за изнајување на станови која изнесува една дванаесетина од два посто од станот. Левица предвидува воведување на максимална граница и тоа од три отсто од вредноста на станот“, рече Мециновиќ.