Дали Мицкоски ќе се жали во НАТО за неиспорачувањето на Груевски од Унгарија?

За бегството на таткото и ќерката Михаилови ќе се алармира Алијансата. Но за Груевски ќе се молчи. Од новото барање за екстрадиција не бидна ништо


Христијан Мицкоски и Никола Груевски пред локалните избори во 2017

 

Нема никакво сомнение дека заминувањето (или бегството) на Ива Михаилова во Бугарија ги потресе владините ешалони и тие се во модусот на санирање на штетата. Колку што се може. Не само поради тоа што во дел од јавноста преовладува мислењето дека тоа е плод на договор меѓу двајцата министри за надворешни работи на нивната средба во Софија, туку уште повеќе што македонските власти во исклучително сензибилизиран случај останаа со кратки ракави.

Забележливо е дека бугарските официјални лица молчат по првиот ден во кој Михаилова се појави во Софија. Затоа пак македонските даваат изјави дека ќе се жалат де ваму де таму за однесувањето на Бугарија која не испорачува осудени лица за криминал, или осомничени.

Се сеќавате можеби на Владислав Тамбурковски, стечајниот управник на велешката Топилница, „Газела“ и ФАС кој избега во Бугарија, а во 2007 беше осуден на пет години затвор. Тој незаконски продаваше метали од фабриките кои ги управуваше и правеше други злодела и беше синоним за осакатување на имотите  за кои беше одговорен. Имаше бугарско државјнство, побегна преку границата, предаваше на универзитетот во Благоевград, сега веројатно живее спокоен и уреден живот во Софија.

Потоа како избегаа докторот Владо Димов (тој лечеше пациенти во една болница во Софија), па Драган Даравелски во Белград, а да не ги набројуваме лицата од криминалното подземје.

И најславниот од сите нив – поранешниот премиер Никола Груевски.

Христијан Мицкоски во интервјуто за телевизијата 21 рече дека прашањето за бегството на осомничената Ива Михаилова и претходното на нејзиниот осуден татко Симеон Македонија ќе го покрене на состаноците на НАТО, а и кај „нашите партнери во ЕУ“.

Во интервјуто тој рече: „Не би сакал да верувам дека моменталното политичко водство кај нашиот источен сосед ќе биде алиби за осудени криминалци од државата да барат бугарски пасоши и преку нелегални премини да бегаат и да барат свое прибежиште таму“.

Дали тој би сакал да верува дека осуден криминалец како неговиот претходник во ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, побарал унгарски пасош откако со помош на тајната служба на Унгарија избега од Македонија во ноември 2018. Груевски е осуден на долгогодишни казни затвор во Македонија, па сепак унгарската држава во времето на Виктор Орбан му даде целосна заштита и го прифати како еден од своите. Тогашниот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, велеше дека редовно се консултирал со Груевски за развојот на ситуацијата во регионот.

Сегашниот унгарски премиер Петер Маѓар веднаш по стапувањето на должноста најави дека новите власти ќе направат сѐ двајцата полски министри бегалци да ги испорача на полските власти, а истото да го направи со, како што го нарече, „криминалецот Груевски“.

Македонскиот министер за правда во тоа време, Игро Филков, најави дека повторно ќе се бара екстрадиција на Груевски од Унгарија. Па потоа следуваа информации дека се бараат документи од судовите, те ова, те она. И, се разбира, на крај не бидна ништо. Не беше поднесено ново барање за екстрадиција. Во меѓувреме Игор Филков беше сменет, а на негово место дојде Јетон Шасивари. Дали тој конечно ќе го стокми новото барање за екстрадиција на Груевски или ќе му ги подготви документите на премиерот за претставката до НАТО не знаеме.

Но она што го знаеме Никола Груевски има унгарски пасош, како што таткото и ќерката Михаилови имаат бугарски. А земјите вообичаено не испорачуваат свои државјани.

Но премиерот Христијан Мицкоски ќе може прашањето за испорачувањето на Груевски од Будимпешта во Скопје да го покрене на многу високо ниво во НАТО и да каже дека Унгарија треба да помогне во борбата со корупцијата во Македонија. Може да испрати во Будимпешта некој од министрите (Тимчо Муцунски, на пример) да го покрене ова прашање. Муцунски добро би ѝ образложил на неговата колешка Анита Орбан (нема ништо заедничко со Виктор) дека испорачувањето на Никола Груевски е многу важно за општественото здравје на македонската држава и за начелото дека правдата важи за сите подеднакво.   

Но, Будимпешта веќе не е омилена дестинација на вмровските министри. Таму од мај наваму веќе не се оди на политички аџилак. Не лета ни владиното авионче. Ни Дунав не е толку убав, а и нема со кого да разговараат откако побратимите од камарилата на Орбан не се веќе на власт.

Но тоа ништо не го спречува Мицкоски да испрати урегнтно писмо во седиштето на НАТО и заедно со поплаките спрема Софија околу случаите на таткото и ќерката Михаилови да ја спомене „некооперативноста“ на Унгарија и вип-третманот на Никола Груевски. Во тоа писмо може да премолчи зошто од Македонија постојано бегаат преку граница луѓе од високопрофилни случаи, а ВМР работело добро како никогаш досега. Може да го премолчи тоа затоа што НАТО добро знае како функционираат овдешните власти. Својата вина секогаш сакаат да ја префрлат на некој друг. Нивната безгрешност и невиност има планетарни размери. (Љ.П.)