Мицкоски за Софија: „А, што очекувате, да признаат дека учествувале?“


Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Македонија нема да се откаже од барањето за враќање на Ива Михаилова и нејзиниот татко од Бугарија, нагласувајќи дека македонските институции ќе ги искористат меѓународните механизми што им стојат на располагање.

„Со одговорот на бугарските власти најпрво паднаа во вода координираните напади што доаѓаа оттаму и од нашата опозиција дека нешто било договорено. Имаме потерница и очекуваме родителот на Ива, кој е осуден, да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува невиноста пред судовите во Македонија“, изјави Мицкоски.

Тој оцени дека случајот предизвикал дипломатски последици за бугарската влада, обвинувајќи ја Софија за неуспешен политички обид.

„Ние имаме како да се бориме на меѓународна сцена. Овој неуспешен обид нанесе голема дипломатска штета врз владата во Софија. Тоа е нивен проблем, а наш проблем е да ги вратиме бегалецот и бегалката, кога-тогаш“, рече премиерот.

Запрашан како го коментира негирањето на бугарското Министерство за надворешни работи дека бугарските власти учествувале во изнесувањето на Михаилова од Македонија, Мицкоски одговори со контрапрашање.

„А, што очекувате, да кажат дека учествувале во такво нешто?“, рече тој.

Премиерот не изнесе дополнителни докази за евентуална вмешаност на бугарските институции, туку повика да се почека исходот од истрагата.

„Оставете да видиме што ќе покаже истрагата, а за тоа ќе ги запознаеме нашите меѓународни партнери“, порача Мицкоски.

Изјавите доаѓаат во период кога македонските власти истражуваат како Ива Михаилова ја напуштила државата и заминала во Бугарија, и покрај судските мерки што ѝ го ограничуваат движењето. Таа е обвинета во постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, а нејзината кривична одговорност допрва треба да биде утврдена од судот.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски исто така смета дека случајот со Ива Михаилова, која замина во Бугарија додека во Македонија ѝ се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици, треба да се разгледува во контекст на претседателските избори во соседната земја, закажани за 25 октомври. Според него, во секој изборен циклус во Бугарија се отвораат теми поврзани со Македонија, кои го насочуваат вниманието на јавноста кон билатералните односи.

Во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, Николоски оцени дека начинот на кој Софија се поставила кон Михаилова може негативно да влијае врз имиџот на Бугарија како членка на Европската Унија.

Тој потсети дека во последните четири години Бугарија поминала низ осум изборни циклуси и оцени дека политичките случувања во соседната земја редовно предизвикуваат тензии во односите со Македонија. Николоски очекувал формирањето стабилна бугарска влада да придонесе за нормализирање на односите, но смета дека претстојните претседателски избори покажуваат оти тоа не се случува.

Говорејќи за случајот со Михаилова, вицепремиерот го спореди со други лица и организации за кои Софија во минатото реагирала дека им се загрозени правата во Македонија. Според него, станува збор за повторување на политички образец во кој одредени случаи се користат за политички цели, а потоа се забораваат.

„Овде не се работи за едно девојче кое направило сообраќајна несреќа и очигледно лажира медицински извештаи за да се спаси од кривична одговорност, се работи за еден след на околности на луѓе коишто се искористени и после тоа фрлени“, изјави Николоски.

Тој ги спомена и случаите со Кристијан Пендиков, Спаска Митрова и здружение од Битола, како и церемониите поврзани со пренесувањето на коските за кои се тврдеше дека му припаѓаат на цар Самуил од Солун во Софија. Николоски оцени дека бугарските политички актери, наместо да се фокусираат на економските резултати, инфлацијата и растот, повторно отвораат теми што создаваат конфликт со Македонија. Тој додаде дека тоа се случува и покрај ветувањата што ги дала актуелната бугарска влада.

На прашањето дали смета дека бугарската држава е вмешана во заминувањето на Михајлова, Николоски рече дека истрагата треба да го даде одговорот. Сепак, според него, отсуството на соодветна реакција од Софија и нејзиниот, како што го оцени, заштитнички однос кон Михаилова отвораат прашања.