СДСМ: Милошоски сака да каже дека Урсула лаже!


СДСМ ги оцени како лага тврдењата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, дека претходната власт оставила можност за ново бугарско вето, овојпат за вклучувањето на македонскиот јазик меѓу службените јазици на Европската Унија.

„Антонио Милошоски пишува дека СДСМ оставила отворена врата за ново бугарско вето, овојпат за македонскиот јазик во ЕУ. Каква лага! Како може да каже дека претседателката на Европската комисија лаже?
 
Таа му кажа на Мицкоски в лице: Европа ве чека со вашиот идентитет и вашиот јазик. 

Мицкоски рече: Преспа е ремек-дело на дипломатијата. Сиљановска рече: јазикот и идентитетот се заштитени, тоа е апсолвирано. Македонија на чист македонски јазик го потпиша договорот за Фронтекс. Сè стои. Сè е потврдено. Од претседателката на Комисијата, од претседателката на државата, од самиот арамија.

Доста повеќе со лаги. Не можете да кажете дека Урсула фон дер Лајен лаже. Не можете да ја препишете вистината на претходната влада, па да ја обвините за тоа што самите го блокирате европскиот пат. Реформите стојат во место. Вториот рок истече, на 1. јуни беше ветувањето. Нема ни глас од тоа ветување. Затоа патоказ добиваат другите земји, додека Македонија е во изолација.

СДСМ пред изборите кажа, а денес тоа е и на хартија и во лице- дека јазикот и идентитетот се заштитени. Бандата бега од Лаура Ковеши, не од Бугарија, порачаа од СДСМ. 

Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, објави дека преговарачката рамка со ЕУ не гарантира дека македонскиот јазик автоматски ќе стане еден од службените јазици на Унијата. Повикувајќи се на европските договори, Милошоски посочи дека за вклучување нов службен јазик е потребна едногласна одлука на Советот на ЕУ, што значи дека и една земја членка би можела да го блокира процесот.

Според него, декларацијата што Бугарија ја доставила до Советот на ЕУ во јули 2022 година, во која се наведува дека споменувањето на македонскиот јазик во преговарачката рамка не значи негово признавање од Софија, претставува ризик од ново бугарско вето.

Повод за ваквите тврдења е делот за политиката кон јазиците во новиот документ шпто го објави Европската комисија околу проширувањето, во кој се прави проценка на ефектите од приемот на нови земји членки во ЕУ. Во делот за вклучувањето на нови јазици стои формулата востановена од пред децении, а која предвидува дека нови јазици ќе станат службени во ЕУ по барање на земјата што станува членка и со согласност на земјите членки на Унијата. Македонија патем нема проблем со јазикот туку со историскиот континуитет на јазикот, што уште екс премиерот Љупчо Георгиевски го реши така што прифати додавка – официјален јазик според уставот на Македонија.  

Во документот шпто го објави ЕУ инаку стои: „Мултилингвизмот е во срцето на европскиот проект. Унијата е посветена на почитувањето на јазичната разновидност како една од нејзините фундаментални вредности, како што е одразено во Договорите и во Повелбата за основните права и потврдено во правото и судската пракса на ЕУ. Правото на ЕУ забранува дискриминација врз основа на јазикот и го предвидува правото на граѓаните да комуницираат со институциите на кој било официјален јазик на ЕУ.

Правната основа за јазичниот режим на ЕУ е член 342 од Договорот за функционирање
на Европската Унија, според кој правилата што ги регулираат јазиците на институциите
на Унијата ги утврдува Советот, кој едногласно донесува регулативи.Овие правила беа утврдени во првата Регулатива усвоена во 1958 година од страна на Советот на
тогашната Европска економска заедница. Регулативата на Советот бр. 1/1958 177, како што беше изменета подоцна за секое проширување, ги одредува јазиците на кои законодавството мора да се изготвува, објавува и пренесува меѓу институциите и земјите-членки или јавноста. Ова значи дека јазичниот режим на ЕУ е инхерентен и составен дел од процесот на донесување одлуки во ЕУ.

Принципот на правна сигурност подразбира дека законодавството на ЕУ мора да им биде достапно на граѓаните и бизнисите на нивниот официјален јазик, за да можат да бидат во тек со прецизниот обем на обврските што им се наметнати. Поради силната политичка димензија што му е поврзана, сепак одлуката во врска со јазичниот режим на ЕУ ја донесува Советот едногласно, со импликации за земјите-членки, граѓаните и бизнисите, како и за сите институции на ЕУ, кои ќе мора да ја спроведат“.

Оваа регулатива деновиве се шири во провладините кругови како доказ дека не се само уставните измени, туку има и други пречки за кои Софија може да и стави вето на Македонија.