Барбов демантира: Бил „човек на ВМРО-ДПМНЕ“, не на Заев
Во соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ овие денови за случајот Ива Михајлова се тврди дека лекарскиот извештај изготвен од доктор Иван Барбов, поранешен директор на Клиниката за неврологија, отвора сомнежи за можни политички влијанија, бидејќи во документот било наведено дека потребниот метод на лекување не е достапен во Македонија, но го има во Бугарија.
„Доктор кој во периодот на власт на СДС во 2017 година беше директор на Клиниката на неврологија, Иван Барбов, поставен лично од Зоран Заев и Филипче, изготвил медицински извештај на неколку страници во кои јасно се вели дека методата за лекување на пациентот Ива Михаилова ја нема во Македонија, а дека истата ја има во една од соседните земји како што е Република Бугарија“.
Д-р Барбов во поткастот на Ландов вели дека се чувствува злоупотребен од Ива Михаилова и од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и дека очекува Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој функционира како орган во состав на Министерството за здравство да ја оцени објективно неговата работа.
Утрово од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека „Барбов, Филипче и Заев целосно се заплеткале во лаги“ и дека сакајќи да се извади , докторот обелоденил дека целосно го водел случајот противправно.
„Барбов, Филипче и Заев, пред да се правдаат, треба да кажат како Барбов, како невролог, дава мислење за хируршки интервенции? Како дал конзилијарна препорака, кога пациентката никогаш не била упатена на лекарски конзилиум, ниту пак поднела барање за конзилијарно мислење? Зошто Барбов, пациентката како пациент после траума, не ја упатил на преглед кај неврохирург или пак трауматолог? Дали Барбов, Филипче и Заев, сакале брзо да го завршат случајот и без никој да знае, да му направат услуга на Радев? Затоа што ако не било тоа случајот, сето ова што го кажавме досега ќе било преземено.
Дополнително, трагикомична е изјавата на Барбов, дека не знаел за каква сообраќајка станува збор, но знаел дека Михаилова имала бугарско осигурување. Барбов, Филипче и Заев, ги поминале своите ингеренции и со препораката за лекување во Бугарија. Точно е дека двете земји имаат билатерален договор, согласно меѓународната конвенција за здравствено згрижување на пациенти, но има правило, кои пациенти и во кој случај добиваат лекарска грижа или лекување во една од земјите за граѓанин на другата држава, а не како што тоа докторот Барбов го направил со упатување“, порачаа иод ВМРО-ДПМНЕ.
Не е првпат партиите да „газат преку луѓе“ заради моментални потреби, па дури и некои што силно ги критикувале, подоцна да ги ставаат на функции.