Убиецот од Прилеп бил фасциниран од Путин, Ким Џонг Ун и Иран

Убиецот од Прилеп, 63-годишниот прилепчанец Бошко Мајоски, кој уби татко и син, ноќеска си го одзел животот по стореното злосторство. Трагедијата се случила во семејна куќа на улицата „Стеван Апостолоски“ во Прилеп, според првичните сознанија, поради нерешени имотни односи и семејни конфликти, при што Мајоски прво го лишил од живот својот 43-годишен внук од сестра и неговиот 11-годишен син, а потоа се самоубил.
Кога полицијата пристигнала на локацијата, Мајоски фрлил бомба кон нив, која само делумно експлодирала и не предизвикала повреди. Поради опасноста, на терен била испратена специјалната единица „Тигри“, која околу 1 часот по полноќ влегла во куќата и ги пронашла трите тела – на таткото, синот и убиецот.
На социјалните мрежи, Мајоски се претставувал како ревносен комунист и отворен обожавател на рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Овие две фигури за него биле олицетворение на „совршени лидери“, како што самиот напишал во неколку свои објави.Во една од нив, Ким Џонг Ун го нарекува „храбар“, а во друга ја споделува заканувачката порака на Северна Кореја за Третата светска војна:
„Ништо не е завршено, и ништо уште не започнало. Сме на прагот од светска војна и сите мора да се подготват. Нема друг начин да се справиме со глобалистичките насилници и криминалци“, стои во постот.
Во соопштението на СВР Битола се вели дека се расчистени околностите за тројното убиство.Полицијата соопшти дека 62-годишниот вујко часови претходно, околу 15 часот, му се јавил на неговиот внук од сестра П.Ч.(43) од Прилеп, при што истиот го поканил да оди во неговиот дом во Прилеп, но инсистирал со себе да го поведе и неговиот малолетен 13 – годишен син, односно внук од сестра на П.Ѓ.
„Според првичните информации и сознанија од очевидци кои ги има ОВР Прилеп во околу 15:30 -16:00 часот во непосредна близина на куќата на сега починатиот П.Ѓ. се слушаат истрели од огнено оружје, (најверојатно тоа бил моментот на убиството во кое П.Ѓ. ги застрелува внукот и неговиот малолетен син) но, до тој момент нема никаква пријава во ОВР Прилеп за било какво пукање на подрачјето на Прилеп“, се вели во написот.
МВР даде детали и за акцијата која следела откако сопругата го пријавила случајот, негде кон 21:20 часот. Полицијата потврди дека напаѓачот, 62-годишниот вујко, пукал кон службениците, но и дека фрлил бомба која почнала да чади, но не ескплодирала.
„Веднаш полициски службеници се упатуваат кон куќата на улицата Стеван Апостолоски во Прилеп и по пристигнувањето на наведената адреса да извршат проверка по пријавата, во домот на П.Ѓ. никој не ја отворил вратата. Веднаш било стапено во контакт со јавен обвинител, по што била издадена наредба од јавен обвинител, полициски службеници со употреба на сила да ја отворат вратата. Кога влегле во куќата П.Ѓ. фрлил бомба кон нив која почнала да чади, но не експлодирала.
Откако полициските службеници излегле од куќата, од страна на П.Ѓ. било пукано кон нив, при што полициските службеници возвратиле со пукање од службено оружје кон куќата и известиле по радио врска дека во 22:40 часот према нив пукано е од огнено оружје на улицата Стеван Апостолоски, за да по кратко време П.Ѓ. со огнено оружје се самоубил. На местото на настанот пристигнала екипа на Итна медицинска помош Прилеп каде од страна на доктор била констатирана смрт како последица од огнено оружје кај П.Ч, П.Ѓ. и 13-годишен малолетник“.
МВР даде и детали за пронајденото оружје и муниција. Пред влезната врата во куќата биле пронајдени чаури од огнено оружје и траги од проектили.
„Во ходникот на подот пронајдена била и една рачна бомба М93. Исто така на влезот од собата пронајден бил пиштол калибар 9 мм и пиштол калибар 7,65 мм , документи, парични средства како и договори за имот и останати документи“.
Министерството ги потврди и написите дека напаѓачот го најавил мотивот на убиството со објава на Фејсбук. Според МВР, се препоставува дека статусот бил објавен откако вујкото ги убил својот внук и 13-годишниот правнук, односно кон 17:10 часот.
Претходно, во соопштение, Основното јавно обвинителство потврди дека профилот на социјалната мрежа Фејсбук, за кој претходно беше пишувано, му припаѓал на убиецот.