„Убер“ отпушта 10 отсто од вработените
Американската компанија „Убер“ денеска соопшти дека ќе отпушти 10 проценти од своите вработени, односно ќе укине околу 3.300 работни места, во рамки на реорганизацијата со цел намалување на трошоците, обединување на тимовите и намалување на бројот на нивоа на управување.
Извршниот директор на „Убер“, Дара Хосровшахи изјави дека компанијата станала премногу сложена, што го забавувало донесувањето одлуки.
Фирмата речиси наполу ќе ги намали малите тимови во кои раководителот има само еден или двајца директно подредени, додека бројот на вработени кои во организациската структура се оддалечени седум нивоа од извршниот директор ќе биде намален за 20 проценти.
„Убер“ исто така ќе обедини одделни тимови и ќе ги концентрира своите вработени во клучните деловни центри, пред сè во Њујорк и Сан Франциско. Повеќето од вработените кои работат на далечина ќе мора да се преселат поблиску до тие центри, додека работата исклучиво на далечина ќе биде овозможена само за околу еден процент од вработените.
„Убер“ го задржа правилото дека вработените мора да работат три дена во неделата од канцеларија.
Намалувањето на бројот на вработени доаѓа по слабиот резултат на акциите на „Убер“ од почетокот на годината, кои паднаа за осум проценти и заостанаа зад поширокиот берзански индекс S&P 500. Инвеститорите сè повеќе ги загрижува конкуренцијата од компаниите за автономен превоз, како што е „Вејмо“, која долгорочно би можела да ја загрози доминантната позиција на „Убер“ на северноамериканскиот пазар.