Уапсено лице кое планирало напад врз Амбасадата на САД во Брисел


Белгиското федерално обвинителство соопшти попладнево дека е уапсено едно лице за кое постои сериозен сомнеж дека планирало напад врз американската амбасада во Белгија.

Лицето М.Г. е лишено од слобода во саботата во центарот на Брисел од страна на федералната полиција на Белгија и се сомничи за терористички напад врз Амбасадата на САД. Според судски извори кои ги пренесуваат белгиските медиуми, осомничениот одамна работел за приватни безбедносни служби.

Осомничениот ги отфрла обвинувањата, а денеска бил сослушан од страна на истражен судија во рамки на предметот што се води против него „обид за терористички напад“.

Пред три години, аеродромот во Брисел и една метро станица беа мета на терористички напади во кои загинаа 32 лица, а повредени над триста.