Уапсен Ејуп Рустеми, поранешниот директор на Државни патишта

Ејуп Рустеми поранешен директор на Јавното претпријатие на државни патишта. Дрилон Зибери раководител на одделение за наплата на патарини и контрола, Ејуп Љатифи помошник директор за одржување на патишта, Џемал Билбиловски сопственик на агенција за обезбедување, приведени се попладнево и се очекува да бидат изнесени пред судија на претходна постапка, потврдуваат полициски извори за неколку медиуми.
Причините за приведувањето наводно се дека го оштетиле буџетот на државата.
Во текот на неделата, се очекува приведување на уште најмалку 15 други лица. Се работи за поранешни и сегашни службеници и раководители во повеќе институции како ЈПДП, „Македонијапат“, Пазарна инспекција, како и во секторот рударство, јавуваат дел од медиумите.
Институциите сѐ уште не излегле со официјално соопштение за случајот.
Кривична пријава против пет лица поради злоупотреби при јавна набавка во ЈП „Државни патишта“
Станува збор за договор за јавна набавка склучен на 08.08.2022 со кој осомничениот управител на агенцијата за обезбедување се обврзал две години да врши континуирано физичко обезбедување 24/7 на сите 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта. Иако согласно потпишаниот договорот бил должен, не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена, а на договорниот орган фактурирал услуги како да било вршено 24/7 физичко обезбедување за целиот период на договорот се до неговото раскинување.
Тогашниот директор на јавното претпријатие бил должен да се грижи за законитоста во работата и примената на прописите, статутот и другите акти, како и да врши контрола дали извршувањето на договорот за јавна набавка е во согласност со условите, но не ја извршил таа должност и го пропуштил должниот надзор над носителот на јавната набавка иако знаел дека физичкото обезбедување се врши само делумно.
Вториот потписник на договорот бил запознаен со бараната спецификација, но и покрај тоа ги одобрувал барањата и одобренијата за плаќање, по што ги одобрувал и доспеаните фактури кои потоа биле реализирани во корист на Агенцијата за обезбедување.
На овој начин другите осомничени на осомничениот носител на набавката му овозможиле да прибави противправна имотна корист во износ од 46.918.079 денари и со тоа нанеле штета од големи размери на Јавното претпријатие за државни патишта.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.