„Твојот човек“ е оној што тепа жени. И потоа бара помош

Во Македонија стана веќе неподносливо да се слуша како се убиваат и тепаат жени. Така завршуваат демагогиите на оваа власт за семејни вредности


Уште една жртва на насилство. Како по правило: жена – незаштитена. Како вреќа фрлена пред маркет, откако силниот, недораснат, 31-годишен маж ја претепал до бесознание, па мислејќи дека е мртва, ковал план како да се ослободи од нејзиното тело. За среќа, таа се подосвестила, па завршила на асфалтот пред охридски маркет, а тој побегнал како од ѓавол.

Но, ја искористил мрежата на своите влијателни родители, кои се покажа дека се блиски до сегашната владејачка гарнитура, од која низ годините ползувале високи позиции во државни институции, а за возврат донирале за партијата, па барал чаре да се извлече од ситуацијата во која сам се втурнал. Сигурен во себе, се јавил на татко му, да побара совет како да се ослободи од „оваа“, која не ги издржаланеговите удари. Откако увидел дека не мора да се ослободува од мртво тело, ја фрлил на улица, а неговата тетка, уште една влијателна членка на неговата фамилија, ургирала кај здравствените работници во болницата во која ја однеле Сара, да пишат подобен извештај, за да се намали вината на нејзиниот внук. Без улога не е ни неговата мајка, која пак, го пријавува таткото на жртвата, заради заканувачка порака испратена по телефон, дека ќе им врати. Толку е неговата вина, изречен, всушност, напишан збор. Збор кој сам на себе си е сведоштво и не може да се одрече.

А, што е со белезите на Сара? Оние физичките ќе заздрават. Можеби ќе треба време, но ќе заздрават. Како ќе се залечи нејзината психа. Уште колку долго ќе се обѕрнува зад себе? Ќе верува ли на другите што ќе ги среќава? Во секого ли ќе гледа предатор?

Мирен бил, со неверица сведочат оние кои го познаваат. Никогаш не би очекувале од него насилство, а не пак врз жена.

Ама тоа мирно конте, налицкано, заштитено од мама, тато, тета, направи таква штета, за која ќе треба долго време да исчезне, а и тогаш прашање е дали ќе се избрише.

Ова ли ни порачуваа сегашните властодршци кога кампањата за локалните избори ја водеа под мотото „Твојот човек“? Тоа ли значи да се има свој човек секаде каде ќе притреба: да се скрие убиство (убиство не можеме да скриеме!), да се заштити насилник, да се прати на сигурно пред до него да стигнат органите на прогонот, да се избришат трагите од алкохол во крвта ако треба или од други недозволени супстанци, да се заборави и да се насочи гневот, по правило, кон жртвата. Затоа што кај нас максимата е: сама си го барала; го провоцирала; требало да молчи…

По грозоморното убиство во Богданци на 17-годишната Биљана пред само десетина дена, се растрчаа властите, најавија нови, построги закони, па ставање алки на пријавените насилници, за да ги алармираат нивните вечни жртви… А што со овие непријавениве?

Заборавија ли на една друга Сара, која беше давена од својот сопруг, силен обезбедувач на премиерот? Него барем осумдневен притвор му одредија, па премиерот и министерот за внатрешни работи ликуваа и собираа политички поени, велејќи дека сите се исти пред законот и дека никој што се огрешил нема да остане непроцесуиран. Ете, демек, тргнале од нивните. Но, по еден месец го ослободија – условно го осудија. Кој знае дали имал свои луѓе каде што требало?!

Крвникот на Сара од Охрид, со едно богоугодно име – Кристијан, својот крст не го носи. Му го носат, мама, тато, тета… Затоа тој е толку полн себе.

На возраст од 31 година не може повеќе да се нарече дете, а сепак помош прво бара од родителите. Створивме ли генерации безрбетници?

Оваа демохристијанска власт е „казнета“ или демантирана, ако сакате, со овој единствен пример.

Џабе демагогиите за семејни вредности, џабе молбите за мама, тато, дада и бато…

Така само се зголемува веројатноста за повеќе ортоми низ мрежата на „твои луѓе“.

Во Македонија не цвета економијата, не, не! Цвета насилството!